На девизните берзи вредноста на доларот паѓа трет ден по ред.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 103,57 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 103,85 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута падна од вчерашните 146,35 на 146,15 јени, пренесуваат регионалните медиуми.
Американската валута ослабе и во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,0865 долари, додека вчера во ова време беше 1,0830 долари.
Цените на нафтата, од друга страна, пораснаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар утринава се зголеми за 0,39%, на 85,80 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,44%, на 81,50 долари.
Цените на акциите во Азија пораснаа како и на Волстрит претходниот ден, додека доларот ослабна трет ден по ред, бидејќи повеќе инвеститори веруваат дека циклусот на зголемување на каматите во САД е завршен.
Претседателот на ФЕД, Џером Пауел, неодамна изјави дека инфлацијата е сè уште превисока и дека централната банка е подготвена дополнително да ги зголеми каматните стапки, но инвеститорите се надеваат дека во наредните месеци инфлацијата ќе попушти доволно за ФЕД да го запре циклусот на зголемување на цената на парите.
Се проценува дека има повеќе од 50% шанси ФЕД да не ги промени каматните стапки до ноември.
Приносите на американските државни обврзници вчера дополнително паднаа, што е во корист на берзата, стои во написите на медиумите.
„Се чини дека сѐ повеќе инвеститори мислат дека циклусот на зголемување на каматите е зад нас, па почнуваат да купуваат акции“, рече Сем Стовал, стратег во CFRA Research.