Во текстилниот сектор за 14% е намален бројот на работници во текот на оваа година, покажуваат анализите на Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи. Тој посочува дека во изминатите 15 години ова е најголемиот пад на вработени во овој сектор. Причината е што кризата во Германија се рефлектира врз работата на македонските текстилни компании, кои традиционално се поврзани со овој пазар и со нарачките од партнерите. Излезот од кризата тој го гледа во крајот на војната во Украина и враќање на оптимизмот на германската економија.
-Вкупниот број на работници го достигна минимумот за последните петнаесет години, значи помалку од 30.000 работници. И мислам дека додека состојбата во Германија не се поправи, додека оптимизмот кај тие граѓани не се поправи, да не мислат на скривници, на заштита од нуклеарен напад, мислам дека состојбата наредната година би се влошила уште повеќе, вели Димитров.
Прашан кога ќе се одржи Економско-социјалниот совет, Димитров одговори дека се очекува на почетокот на декември. На седницата освен точката за минималната плата, која е предлог на Сојузот на синдикатите на Македонија, од страна на бизнис секторот ќе се бара и да се стават и други точки, а тоа се барањата за прочистување на списокот на невработени, законски измени за пензионерите кои сакаат да работат, како и за потрошувачката кошничка. Димитров смета дека доколку потрошувачката кошничка ја објавува Државниот завод за статистика ќе биде многу пореална и врз критериуми кои се прифатени од Светска банка.