„Златно момче“: Ова е најскапиот хамбургер на светот, создаден од 170 различни состојки

Рестораните ширум светот поминаа низ прилично тежок период во текот на пандемијата на коронавирусот, но тоа не го спречило холандскиот готвач Роберт Јан де Вин да го создаде најскапиот хамбургер на светот наречен „Златно момче“, кој е продаден за 5.000 евра.

Холанѓанецот со причина го нарекол хамбургерот „Златно момче“, со оглед на тоа што во него има златни листови, шафран, познатото Вагју говедско месо, кавијар и уште многу други работи кои придонеле до тоа неговата кулинарска креација да стане најскапиот хамбургер на светот.
„Намерата да соборам светски рекорд отсекогаш ми беше животен сон и чувството е навистина прекрасно“, признава Де Вин.

Досегашниот рекорд го држеше ресторан во Орегон, кој во 2011 година направи хамбургер чија цена изнесуваше 5.000 долари (4.200 евра) и беше тежок 352,44 килограми.
Меѓутоа, холандскиот готвач го насочил вниманието кон квалитет, а не квантитет и се определил за комбинација од врвни состојки.
„Златното момче“, помеѓу останатото, во себе содржи Белуга кавијар, месо од кралска краба, шпанска шунка Палета Иберико, бели тартуфи и англиски чедар. Тука е и „bbq“ сосот, припремен со најскапиот вид на кафе на светот – Копи-лувак.
Ни тестото за земичките не е сосема обично бидејќи е подготвено со шампањ Дом Перињон и обвиткано со златни листови.


Намерите на Роберт Јан де Вин не биле само промовирање и остварување на својот сон да стане рекордер. Најскапиот бургер на светот е купен за 5.000 евра, но целокупниот износ бил дониран на невладина организација која им помага на банките за храна во Холандија.
„Донацијата од 5.000 евра ќе им помогне на хуманитарните организации да купат речиси 1000 оброци за лицата на кои тие им се потребни“, се надева готвачот.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.