На состанокот, што се одржа во рамки на работната посета на премиерот Ковачевски на Австрија, како што информираат од владината прес-служба, е потенцирано дека стартот на пристапните преговори и почетокот на скринингот се уште една потврда за напредокот на нашата земја во евроинтегративниот процес.
-Ковачевски и Едштадлер го изразија взаемното задоволство од одличните билатерални односи меѓу двете земји кое се изразува и во недвосмислената поддршка на Австрија за евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија, соопшти Владата.
На состанокот се дискутирало и за безбедносната криза предизвикана од конфликтот во Украина, на што е акцентирана потребата од натамошно обединување и заедничко дејствување за осигурување на мирот, стабилноста, безбедноста и демократијата и воопшто иднината на Европа.
Станало збор и за натамошното продлабочување на економската соработка меѓу двете земји со оглед на тоа што Австрија е еден од најголемите инвеститори во земјава со над 45 компании присутни на пазарот. Трговската размена е во континуиран раст и минатата година достигна 200 милиони евра со што е забележан раст во однос на 2020 година кога трговската размена оствари вредност од 176 милиони евра.
На состанокот присуствувале и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.