Министерот за безбедност на БиХ оди во притвор!

Судот на Босна и Херцеговина му одреди притвор до еден месец на министерот за безбедност на БиХ, Ненад Нешиќ, во случајот „Тунел 2“, во кој тој е означен како првоосомничен.
Приведени се и Милан Дакиќ, директор на Патишта на Република Српска и Младен Лучиќ, директор на компанијата „Легенда“.

Судот го прифати предлогот на Обвинителството на Босна и Херцеговина и донесе решение со кое на осомничениот му е одредена мерка притвор, кој според оваа одлука може да трае најмногу еден месец, сметајќи од денот на лишувањето од слобода, т.е. до 26 јануари или до нова судска одлука, јавува РТРС.
Како што беше соопштено, притворот е одреден поради страв дека Нешиќ, Лучиќ и Дакиќ ќе уништат, скријат, менуваат или фалсификуваат докази и траги важни за кривичната постапка, ќе влијаат на сведоци и соучесници.
Во судското соопштение се наведува дека се товарат за злоупотреба на службената положба или овластување и примање поткуп.
Обвинителката Бојана Јоловиќ на рочиштето во саботата укажа на изјавата на директорот на Романски патишта, Мирко Пандуревиќ, кој рече дека се согласил на Нешиќ на негово барање да му исплати околу 250.000 КМ годишно во периодот од 2016 до 2020 година.
Одбраната на Нешиќ, Лучиќ и Дакиќ истакна дека кривичните дела што им се ставаат на товар се во надлежност на правосудните институции на Република Српска.
Нешиќ во саботата беше хоспитализиран во Клиничкиот центар на Универзитетот во Сараево по рочиштето одржано во Судот на Босна и Херцеговина.
Датумот на рочиштето е поместен за сабота наутро бидејќи на Нешиќ ненадејно му се слошило, а со негова согласност било одржано малку подоцна, но по рочиштето бил префрлен во Клиничкиот центар, јавуваат медиумите во БиХ.

Пронајдете не на следниве мрежи: