Романските инфлуенсери на TikTok кои му помогнаа на ултранационалистичкиот, проруски кандидат Калин Ѓордеску да дојде на чекор од претседателската функција, ја напуштија земјата, бегајќи од даночните власти кои ја истражуваа нивната улога во влијанието на изборите.
Независниот кандидат Ѓорѓеску беше практично непознат во својата земја кога победи во првиот круг од претседателските избори минатиот месец, пренесува „Политико“.
Тој требаше да се соочи со Елена Ласкони, центристичката кандидатка, во вториот круг на 8 декември, но доказите за широко распространето мешање и операција за влијание на ТикТок, наводно организирана од Русија, го наведоа Уставниот суд на Романија да го поништи целиот изборен процес.
Оттогаш, романските власти извршија серија рации меѓу приврзаниците на Калин Ѓорѓеску, апсејќи платеници кои наводно имале оружје во нивните автомобили и упаднале во имотот на еден од неговите најголеми поддржувачи.
Даночните власти започнаа истрага по извештајот на романската изборна комисија, која побарала подетално испитување на финансиските трансакции поврзани со кампањата. Во фокусот на оваа истрага е и Ѓорѓеску, потврдија властите.
Инфлуенсерите на TikTok, некои од нив поврзани со организираниот криминал, тврдат дека ја напуштиле Романија само неколку дена пред да бидат покренати финансиските истраги. Тие објавија слики од граници или авиони, со натписи како „збогум“ и „Ми недостигате“.
Улогата на инфлуенсероте на изборите излезе на виделина откако претседателот Клаус Јоханис минатата недела објави серија разузнавачки документи со детали за софистицирана кампања на TikTok. Документите открија врски меѓу инфлуенсерите и проруската кампања на Ѓорѓеску.
Ѓорѓеску изјави дека е „почестен“ од поддршката на луѓето од организираниот криминал и други влијателни лица, навестувајќи дека може да ги помилува доколку стане претседател. Инфлуенсерите се обвинети дека примале значителни плаќања за промовирање на содржина во корист на Ѓорѓеску. Нивните пораки ја одразуваа националистичката реторика на кандидатот, мешајќи антиелитистички теми со ветувања за суверенитет и традиционални романски вредности.
„Оваа истрага, исто така, ќе ја процени секоја причинско-последична врска помеѓу тие плаќања и одреден кандидат на романските претседателски избори“, рече Тони Гребла, шеф на изборната комисија, во врска со даночните истраги.
Една клучна личност под истрага е Богдан Пешкир, кој наводно ги финансирал инфлуенсерите на ТикТок со еден милион евра. Минатата недела властите извршија рација на три локации поврзани со Пешкир, запленети се 7 милиони долари во криптовалути како дел од истрагата.
Како што се појавија детали за минатото на Ѓорѓеску по првиот круг од изборите, некои од инфлуенсерите почнаа да се дистанцираат од неговата кампања. По објавувањето на разузнавачките документи, некои признаа дека го промовирале Ѓорѓеску во замена за пари, но тврдеа дека не знаеле кој е тој дури по првиот круг.
Ѓорѓеску, кој отворено зазеде проруски позиции за време на неговата кампања, официјално пријави нула трошоци за кампањата. Но, разузнавачките документи открија дека инфлуенсерите на TikTok одиграле централна улога во тајниот, мултимилионски напор да се засилат неговите пораки. Властите веруваат дека кампањата е поврзана со руски „хибридни напади“ насочени кон романскиот изборен процес.
Минатата недела, Европската комисија му нареди на TikTok да ги зачува податоците поврзани со потенцијалните ризици за време на романските избори и претстојните избори за ЕУ, поради загриженоста за странско мешање и дезинформации.
Аналитичарите велат дека кампањата за дезинформации во Романија потсетува на она што се случи во Молдавија за време на претседателските избори и референдумот за членство во ЕУ, кога операција поврзана со Русија употреби слична стратегија за да се обиде да ги поколеба гласачите во корист на промосковски кандидат.
Финансиските истраги се одвиваат паралелно со другите кривични истраги на обвинителите кои се поврзани со изборите.