Во следните пет до десет години, шесте земји од Западен Балкан мора да инвестираат 37 милијарди долари во програми кои ќе обезбедат справување со климатските промени доколку сакаат да го заштитат своето население и да избегнат штети кои можат значително да влијаат на нивниот економски раст, предупреди денеска Светската банка (СБ).
Во редовниот извештај за климатските промени и развој поврзани со Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Македонија, Албанија и Косово, Светска банка посочува дека овие инвестиции ќе ги ублажат ефектите од шоковите и стресот поврзани со климатските промени.
Во Извештајот се посочува дека таквите инвестиции во адаптацијата носат тројна корист од избегнати загуби, забрзан економски потенцијал и зголемени социјални и еколошки заеднички придобивки со поврат проценет на околу четири долари за секој инвестиран долар.
Аналитичарите на СБ процениле дека штетите предизвикани од климатските промени би можеле да ја намалат економијата на Босна и Херцеговина, односно нејзиниот бруто домашен производ (БДП) за дури 14 отсто до 2050 година. Само оваа земја мора да смета на фактот дека ќе треба да инвестира дури 6,8 милијарди долари во заштита од климатските промени во наредната деценија.
Документот на СБ е објавен по разорните поплави кои погодија делови на Босна и Херцеговина во октомври, при што загинаа 27 жители, а прелиминарните проценки покажуваат дека материјалната штета е над 100 милиони евра.
– Климатските промени не се само еколошки предизвик, туку и директна закана за економската стабилност, јавното здравје и социјалната благосостојба на Босна и Херцеговина, рече Кристофер Шелдон, шеф на канцеларијата на Светска банка за Босна и Херцеговина и Црна Гора, предупредувајќи дека неодамнешниот поплавите се доказ за опасните последици од климатските промени.
Со оглед на тоа што поплавите претставуваат над 90 проценти од штетите поврзани со климата, извештајот на СБ ја истакна потребата од решенија засновани на природата, како што се обновување на поплавните рамнини и зачувување на тресетите за да се зголеми отпорноста и да се поттикне економскиот раст.
Навремените инвестиции во адаптација на климатските промени, особено во инфраструктурата за заштита од поплави, можат во голема мера да ја заштитат економијата и во исто време да ја намалат загубата на БДП, а истовремено да обезбедат отворање нови работни места и зголемување на трговските можности.
– Проекциите покажуваат дека секое евро потрошено за адаптација на климатските промени постигнува поврат до десет евра, што укажува на големите економски придобивки од ваквите иницијативи, се наведува во извештајот.
Светска банка нè потсетува на неопходноста од транзиција кон намалување на емисиите на јаглерод преку производство на енергија, односно достигнување на нула емисии до 2050 година. Ова вклучува напуштање на производството на електрична енергија од јаглен, зголемување на производството на енергија од обновливи извори, како што е сонцето и ветер и подобрување на енергетската ефикасност во бројни сектори.