Полна сала и полни срца на вечерашниот концерт на Националниот фолклорен ансамбл „Танец“ во Центарот за култура АСНОМ во Гостивар.
Амбасадорите на македонската народна уметност и традиција во првиот град на Вардар гостуваа во помал состав со концептот „Изворни минијатури“, преку кој играорците, пејачите и инструменталистите се претставуваат со избор од автентични фолклорни творби врз кои се темелат познатите кореографии на ансамблот.
„Тоа е со цел да се присетиме од каде потекнуваат сите тие игри на Танец, кој бил изворот и како матично биле изведувано од нашите предци за до ден денеска сето тоа се равива и да постане како една убава слика на националниот ансамб Танец, кој оваа година слави 75 години од постоењето. Значи од една страна да се потсетиме кои ни се корените, а од друга страна да можеме да излеземе во пресрет на помалите Центри за култура низ земјава кои реално немаат услови да го примат Танец во цел состав, бидејќи е габаритен, преку 60 уметници се на сцена и специфично е за организација, бара поголем простор, сцена и сценографија. За да можеме да ги посетиме и другите градови ни државата го направивме концептот на Изворни минијатури во скратен состав. Ова е навистина еден симпатичен и убав проект, мене ми се допаѓа многу, токму заради тоа што не вади од онаа матрица како Танец изгледа така спектакуларно, и се навраќаме на корените, да видиме како тоа се создавало низ тие 75 години.“, изјави за Gostivarpress.mk, директорот на ансамблот Мартин Вучиќ.
Гостиварската публика, која ја имаше од сите генерации, не го криеше своето воодушевување и секоја точка од програмата ја наградуваше со громогласен аплауз.
„Одличен е приемот на публиката. Од она што можаев да го видам, Гостивар е навистина едно убаво место, со еден топол, питом народ, народ желен за култура и за убави манифестации. Се надевам дека во иднина ќе имаме повторно прилики да гостуваме овде.“, кажа Вучиќ.
„Изворни минијатури“ содржи карактеристични напеви и ора од различни делови на Македонија преку кои се претставува раскошот на македонските играорни и музички бисери, вешто вградувани во репертоарот на „Танец“ низ седум и пол децении.
„МИНУТИ ЗА СЕКОГО“ | Фејзи и Ѓурчиновска | ЖЕНИТЕ ОД РУРАЛНИ СРЕДИНИ