113 УЧИЛИШТА БАРААТ ДА ОДРЖУВААТ НАСТАВА СО ФИЗИЧКО ПРИСУСТВО

Loading...

Здравствените инспектори ќе вршат контрола дали се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот и дали наставниците и учениците ги применуваат протоколите пропишани од Комисијата за заразни болести во училиштата каде ќе има физичка настава први октомври, велат од Министерството за образование и наука.
Според податоците од МОН , од вкупно 494 училишта:
– 113 физичко присуство на учениците
– 79 основни училишта
– 34 средни училишта
Но владина комисија допрва ќе треба да прави проценка дали овие училишта ги исполнуваат условите за да ги отворат вратите за учениците.
Од мон велат дека во моментов сите училишта се подготвуваат за старт на учебната година на први октомври.

-Со физичко присуство ќе стартуваат учениците од прво до трето одделение согласно протоколите и планот, а на предлог на владината комисија, Владата ќе одлучи на кои основни и средни училишта ќе им дозволи да спроведуваат настава со физичко присуство. Сите останати кои не ги исполнуваат условите пропишани во протоколите наставата, ќе ја спроведуваат преку онлајн платформа. Но, сепак станува збор за динамичен процес којшто се следи на дневно ниво од Комисијата за заразни болести и во зависност од епидемиолошката состојба ќе се изнаоѓа најсоодветното решение, кое треба да биде баланс помеѓу заштитата на јавното здравје и учењето. – Министерство за образование и наука.
Во меѓувреме пак наставниците се обучуваат како да држат онлајн настава на националната платформа. Од МОН велат дека завршена е обуката на првата група наставници обучувачи кои пак понатаму ќе треба да продолжат да ги обучуваат своите колеги.
– Изработката на Единствената национална платформа за онлајн настава е во завршна фаза и наскоро ќе има презентација пред јавноста.Единствената национална платформа за онлајн учење ќе овозможи унапредување на образованието, затоа што ќе биде дополнителна алатка која ќе им служи на наставниците и учениците и во иднина, кога образовниот процес ќе се одвива без здравствена закана. – Министерство за образование и наука.
А дел од училиштата во регионов пак, летниот распуст го искористиле на креативен начин и создале училници на отворено. Таков е примерот со наставниците од основното училиште во босанското село Качуни кои што направиле клупи од дрво и ги поставиле како во амфитеатар, а создале и платформа каде ќе стои наставникот како и ѕид од цигли на кој е закачена табла. Сликите од отворената училница во ова училиште го обиколија светот и станаа главна вест и во светските медиуми.
Инаку од денеска со настава почнуваат и учениците во Грција. Со маски но и со одговорно лице во секое училиште за спроведување на анти-ковид мерките учениците седнаа во училишните клупи.
Учебната година денеска почнува и во Косово каде одделенијата и класовите ќе бидат во полн состав, односно со присуство на сите ученици, додека пак во Албанија и Романија наставата ќе се одвива комбинирано, една недела со физичко присуство, а една недела онлајн.
Учебната година денеска започнува и во Италија, земјата која што беше најсилно погодена од коронавирусот. Учениците во 12 италијански региони почнаа со настава со физичко присуство. Заштитни маски за деца постари од шест години се задолжителни, а маските за учениците и вработените треба да ги обезбедат училиштата.
Според италијанскиот премиер Џузепе Конте, италијанската Влада интензивно работела и го давала својот максимум, со цел да се обезбедат најдобри услови за почетокот на учебната година.

loading...