Aзманов со закани по живот кон 1ТВ и тимот на Инсајдер

Серијалот на 1ТВ, Македонски инсајдер веќе почна да предизвикува реакции, иако до сега се објавени само најавите за првите четири досиеја. Едниот од нив, кој се однесува на градежната мафија беше причина за низа закани по животот на главниот и одговорен уредник, како и на сите инволвирани во Македонски инсајдер. Заканите почнаа преку телефонски разговори токму од бизнисменот Зоран Азманов, чие име беше споменато во најавата за третото досие. Тој во телефонски разговор му се заканил на уредникот Ацо Кабранов со зборовите ќе ве убијам сите па ќе се самоубијам, а со слична реторика продолжи и во низата смс пораки.
-Ако е лага и исконструирана приказна за да ме сруши мене и мојата компанија која макотрпно сум ја стварал, ќе морам да преземам тоа што треба.
-Никогаш не сум работел со државата нити со државни фирми и сега на крај на кариера некој да ме црни, па ќе го решам кој и да е.

-Некој мочко да ме нарекува мафијаш и слично, па ќе го решам по цена на живот.
Ова се само дел од заканите испратени преку низа пораки на телефонот на главниот уредник на 1ТВ. Копии на нивната содржина ќе бидат предадени на надлежните институции, а случајот ќе го пријавиме во полиција. Информативната редакција, тимот на Македонски инсајдер, како и сите телевизиски проекти под капата на 1ТВ остануваат до крај верни на професионалното, навремено и непристрасно изјаснување. Во нашата програма отстапуваме простор за сите засегнати страни во темите на кои работиме. Па така Зоран Азманов во конкретниот случај, како и сите останати бизнисмени, политичари, јавни личности или пак граѓани за кои ќе бидат пласирани информации во етерот на 1ТВ ќе бидат побарани за коментар и изнесување на сопствениот став. Ние и натаму ќе продолжиме со нашата обврска да се бориме за вистината и фактите да излезат на виделина, со тоа остануваме посветени на правото јавноста да знае.
Извор: 1тв

Loading...