Bо Софија се одржува вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија

Денес во Софија се одржува вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија, со која копретседаваат министрите за надворешни работи на Република Северна Македонија и Република Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска.

На состанокот се очекува да биде направен преглед на досегашните активности за унапредување на билатералните односи, работата на работните групи, како и проекција на идните активности меѓу двете земји.

По завршување на состанокот, се очекува потпишување на Протоколот кој воедно претставува записник од состанокот на Заедничката меѓувладина комисија.

Покрај Министерот Османи, како дел од Владината делегација на состанокот присуствуваат и Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, министерот за економија Крешник Бектеши, како и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Заедничката меѓувладина комисија е дел од обврските кои произлегуваат од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу двете држави во 2017 година.

Пронајдете не на следниве мрежи: