Facebook слави 15-ти роденден: Голем успех, уште поголем скандал

Студентскиот проект кој привлече милијарди корисници денеска одбележува 15 години од основањето. Низ годините, компанијата на Марк Закеберг доживеа глобален успех, но последната година беше особено проблематична за младиот милијардер, поради некои контроверзни политики кои се спроведуваат во Facebook.
Оваа социјална мрежа е основана на 4 февруари 2004 година во студентската соба на Харвард на Марк Закерберг и од тогаш оствари огромен успех привлекувајќи 2,3 милијарди корисници кои платформата ја користат за размена на информации и поврзување. Сепак компанијата е изложена и на големи критики дека е повеќе концентрирана на раст отколку на заштита на корисниците.
„Тоа сега е многу моќна компанија која создаде многу моќен производ од кој многумина станаа зависни“, изјави аналитичарот Џош Бернов кој додава дека токму поради тоа има и голема одговорност.


Facebook минатата година беше вмешан во повеќе скандали во врска со заштита на податоците и нарушување на приватноста на корисниците што предизвика стравови дека со водечката светска социјална мрежа манипулираат странски интереси за сопствена политичка корист.
По предизвиците во 2018, Facebook повеќе не го фалат поради иновативност. Сега го критикуваат, изјави аналитичарката Дебра Ахо Вилијамсон и додаде дека тоа не е истата компанија која беше пред 15 години.
Само дигиталниот џин Google има повеќе приход од Facebook од огласување на интернет. Facebook е сопственик на апликации како што се Instagram, Messenger и WhatsApp од кои секоја има повеќе од милијарда корисници.
Закерберг (34) и понатаму го брани својот деловен модел и тврди дека Facebook не продавал податоци за своите корисници и оти може да му се верува. Настојува во тоа дека неговата социјална мрежа заработува од целни огласи врз основа на она што го дознава од корисниците и така услугата ја одржува бесплатно.
Компанијата призна дека мора да направи повеќе за да ја врати довербата, па вложи милијарди долари во безбедност и има 30 илјади луѓе кои работат само на тоа.
Facebook и покрај скандалите минатата година имаше рекорден профит од 22 милијарди долари.