Православните христијани денес одбележуваат Задушница во чест на душите на мртвите, а утре Духовден.
На Задушница се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите, верните даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.
Духовден, пак, го означува слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, или како што го нарекуваат светите отци „Роденденот на Црквата“.
Поради Задушница, сообраќајната полиција во Скопје викендов презема посебни мерки за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот во периодот од 6 до 16 часот на улиците кои водат кон гробиштата во Бутел, Камник и Ѓорче Петров.
Кон гробиштата Бутел сообраќајот ќе се одвива во една насока (кружно) односно сите возила ќе се упатуваат по улица „Александар Урдаревски” во продолжение по локалниот пат за село Мирковци до влезот за гробиштата на улица „Боца Иванова” и излегување на улица „Александар Урдаревски”. По потреба сообраќајот ќе биде пренасочен и на гробишта Ѓорче Петров по улица „Црногорска“, а на гробишта „Камник“ по улица „Јужноморавски Бригади“ и улица „Роман Каскалиевиќ“.