Д-Р. МИЛЕНА СТЕВАНОВИЌ: Кога нема починати пациенти од Ковид, чувството е како да сте го освоиле Монт Еверест

По речиси цели два месеца, вчера прв пат во Македонија немаше починати пациенти од корона вирусот. Според анализата на Фактор, 25. мај е последниот датум пред вчерашниот, 21. јули, да не пишуваме за црниот биланс и да ги редиме болничките установи во кои десетици пациенти не успеале да ја добијат борбата со смртоносниот Ковид-19, и да не бараме податоци дали дури и најмладите починати немале и други коморбидитети, односно сериозни здравствени заболувања, кои уште повеќе ја ископлицирале нивната состојба.
Според лекарите, високиот процент на смртност се должи на тоа што во одреден период, кумулацијата на пациенти заразени со вирусот кои беа хоспитализирани беше навистина голема, но, посочуваат дека дури и висок број на новозаразени, станува на некој начин занемарлив и минорен кога нема починати пациенти.


-Среќни сме кога има вакви денови. Им се радувам на сите што на нозе заминуваат и ќе заминуваат од Клиниката за инфективни болести. Во деновите кога имаме голем број испишувања, чувството што го имам, можам да го споредам со она како да сте го освоиле Монт Еверест. Но, науката се уште не го познава доволно овој нов вирус, така што и во наредниот период, за жал, ќе се соочуваме со смртни случаи, вели во разговор за Фактор, директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, д-р. Милена Стевановиќ.
Појаснува дека нема огромен простор за радост, сè додека не успеат да го преполоват бројот на хоспитализирани пациенти, нагласувајќи дека сè уште доаѓаат пациенти со многу тешка форма на болеста.
-Вчерашниот ден го почнавме со 86 пациенти на кои им е неопходен болнички третман. Завчера, само за едно деноноќие примивме 18 нови пациенти, што според мене е е премногу.И покрај тоа што сме на горната граница со болнички кревети, на располагање целосно ни е монтажната болница во која нема ниту еден пациент, но медицинскиот кадар е целосно исцрпен, потенцира д-р. Стевановиќ.
Директорката на Инфективната клиника вели дека во оваа болничка установа во последниот период дури и најтешките пациенти не ги ставаат на респираторни апарати, но не заради тоа што немаат анестезиолози, туку заради тоа што се обидуваат со помалку инванзивни третмани да ги извлечат пациентите.
-Успехот во третманот и лекувањето на Ковид-19 драстично го подобривме со поинтензивна неивазивна вентилација. Пациентите се свесни, не мора да бидат интубирани, практично имаат маска врз целото лице, а машината во одреден период испорачува одредено количество кислород, и на овој начин имаме огромен број пациенти кои се излекувани. Не ги ставаме на респиратори, не затоа што на Клиниката немаме анестезиолози, туку затоа што неинвазивната вентилација дава навистина огромни резултати. Освен, тоа сите лекари тука, со сите обуки што ги имавме, сами стававме пациенти на респираторни машини без никаков проблем. Обучени сме целосно и да интубираме и да ракуваме со респираторите. Но, во еден период моравме да побараме помош од колегите анестезиолози од КАРИЛ, зошто увидовме дека со сите дадени параметри, белодробието кај пациентите не се вентилира како што треба, појаснува д-р. Стевановиќ.
Истовремено, таа вели дека најважен е мултидисциплинарен пристап во лекувањето на корона вирусот, бидејќи, како што потенцира, Ковид-19, кој сè уште е енигма за целата светска експертиза, многу агресивно ги зафаќа сите органи во човековиот организам, не само белодробието.
Според анализата што ја направи Фактор, бројот на ново заразени пациенти, кој во април и до пред крајот на мај се движеше меѓу 20-30 за едно деноноќие, драстично почнува да се зголемува прво на 29 мај кога се регистрирани 52 заболени, потоа на 31. мај кога имаме 62, додека на 1. јуни позитивни на вирусот имало 89. Првата трицифрена бројка, 101 новозаразен е регистрирана на 3 јуни, па оттогаш наваму, практично и да нема ден под 100 инфицирани со Ковид-19.
Здравствените власти очекуваат во наредните денови исто така големи бројки, а интензивно се подготвуваат дополнителни болнички капацитетети за есенскиот бран на корона вирусот.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.