ДОСИЕ ЕУРОСТАНДАРД – како дојде до клуч на врата на една модерна и надежна банка, кои се лошите пласмани што и пресудија

„Клучните проблеми на Еуростандард банка се одраз на слабости од минатиот период, а не на тековните состојби“, рече Бежовска.
Со супервизорско следење во 2019 година кај Еуростандард банка бил утврден недостиг на капитал (поткапитализираност), поради што Народната банка презела повеќе мерки, a една од клучните била барање за докапитализација, кое според гувернерката, делумно било исполнето.
„Неисполнувањето на обврските за докапитализација и брзата и повисока материјализација на кредитниот ризик ја намалија стапката на адекватност на капиталот под 2 отсто. Со тоа, согласно со Законот за банките, Еуростандард банка е несолвентна“, објасни Бежовска.
Таа очекува дека со отворањето на стечајната постапка ќе има брза и ефикасна наплата на побарувањата на доверителите на банката.
За 170-те вработени во банката гувернерката изрази надеж дека тие ќе бидат апсорбирани од останатите банки, зашто се работи за квалитетен кадар.


КОСТОВСКИ: СТРОГИТЕ МЕРКИ НА НБМ НЕ НИ ДОЗВОЛИЈА ДА СЕ ИЗВЛЕЧЕМЕ ОД КРИЗАТА
Костовски е крајно непријатно изненаден и револтиран од одлуката на НБМ, тоа утре заедно со останатите акционери ќе го кажат за јавноста на пресконференција.
„Ова е двојна игра од страна на Народна банка на Македонија. Народна банка цела година не држеше под строги мерки и не ни дозволуваше да работиме и да заработиме. Како можеме да ја подобриме состојбата на банката кога Народна банка цела година не држи под строги мерки. Ако не можеш да работиш, не можеш ниту да заработиш за да ја подобриш состојбата“, вели сопственикот на банката за Фактор.
Бизнисменот нагласува дека за изминатата година кога Еуростандард била под строги мерки, неа само дополнително и се влошило портфолиото.
„Практично, ние имавме забрана за работа од НБМ. Како во тој случај да се подобри состојбата. Исто така, НБМ не прифаќаше ниту еден од нашите предлози за надминување на состојбата и за евентуална продажба на банката. Ако веќе беа решени да не затворат, тоа требаше да го направат уште пред една година, а не за овој период уште дополнително да заглавиме со 15 милиони евра“, вели Костовски за Фактор.
ВО АПРИЛ БЕШЕ ПРОДАДЕН ЕУРОЛИНК НА ОЛГА КОСТОВСКА ЗА 17,5 МИЛИОНИ ЕВРА
Пред само неколку месеци, на први април годинава, Еуролинк осигурување на Олга Костовска, ќерка на Трифун Костовски, беше продаден на Граве осигурување, австриска осигурителна компанија, за сума од 17,5 милиони евра. Граве купи 3.200 акции од Еролинк, преку блок трансакција на берзата, и за нив плати 336.109,38 денари по акција, со што стана мнозински сопственик на осигурителната компанија.
Можноста Еуролинк да биде продадена со цел средствата да се искористат за да се спаси од проблемите Еуростандард банка, Трифун Костовски индиректно ја најави во интервју за Фактор во декември минатата година.


Костовски тогаш искрено проговори за предизвиците со кои во последниов период се соочи неговата Еуростандард банка, за неуспешните разговори за нејзина продажба на Комерцијална банка, но и за докапитализацијата со 10 милиони евра, и промената на менаџментот на банката, од кои се очекуваше да резултираат со воспоставување на стабилна и профитабилна банка. Не исклучи и продажба на еден од најуспешните семејни бизниси, Еуролинк осигурување, или на дел од таа компанија, со цел да се обезбедат средства за дополнително засилување на банката.
„Денеска банката е веќе стабилизирана, докапитализирана, таа е функционална, и очекувам дека со тек на време ќе ги надминеме сите оние лоши пласмани во правни лица. Имаме нов менаџмент, кој треба да биде комплетиран до крајот на оваа година и ќе ја преземе работата на банката. Комплетно ќе се менува целата структура на самото функционирање на банката, а со кое исклучиво ќе бидеме повеќе експонирани кон индивидуалните кредитоспособни коминтенти“, рече тогаш Костовски.
Бизнисменот во интервјуто за Фактор откри и дека лошите пласмани поради кои банката заглави се направени во Македонија, во неколку компании, а „причината е лош менаџмент. Лошиот менаџмент ги носи лошите одлуки за лоши пласмани и сето тоа се еден синџир на настани кои дошле од највисокото до најниско ниво“.
За докапитализацијата рече дека таа била од пари на семејството, односно од средства на нивни фирми. „Тоа се нови десет милиони евра кои што се влезени. А најверојатно, можно е уште да ја докапитализираме, бидејќи имаме намера да ја зголемиме и активноста на банката уште со некои додатни пет до десет милиони евра, што ќе ја стави во редот на силните средни банки, со тенденција да порасне и понатаму“
А, токму за правење на Еуростандард на здрава и профитабилна банка, Костовски големи надежи полагаше во новиот директор, Горан Трајковски, некогашен прв човек на Управата за јавни приходи, со кого имаа заеднички работни денови додека Костовски беше градоначалник на метрополата, а Трајковски генерален секретар.
Како една од предностите на Еуростандард банка во споредба со другите банки бизнисменот го нагласуваше и договорот со Македонски пошти. „Тоа е од аспект што ние ги користиме и услугите од Македонски пошти. Имаме 20 годишен договор, тоа се сите експозитури по поштите, што значи дека заедно со нашите, имаме 330 експозитури“, рече Костовски.
ЗОШТО НЕ УСПЕА МОЖНОСТА ЗА ПРОДАЖБА НА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА
Зошто пропадна можната зделка односно продажба на Комерцијална банка, Костовски тоа го образложи дека двете банки не се нашле во преговарањето на условите.
По ова, и Комерцијална банка ја извести јавноста дека почетните разговори се прекинати, поради, како што рекоа, очигледните разлики во вреднувањето. Тогаш од таа банка информираа и дека „одобриле кредит од 10 милиони евра на компанијата на бизнисменот Трифун Костовски“. Оттаму додадоа и дека овој кредит ќе биде обезбеден со залог над акции од Еуролинк осигурување.
А Еуростандард банка е основана во 2001 година, што значи дека згаснува по 19 години постоење. Таа не е прва банка што доживува клуч на врата во земјава.
Во јануари 2004 година и беше одземена дозволата на Експорт-импорт банката на Методија Смиленски, во време кога на кормилото на НБМ беше тогашниот гувернер, професорот Љубе Трпевски.


Три години подоцна, Македонска банка беше ликвидирана со одлука на Народната банка на Македонија во 2007 година. Тогашниот гувернер Петар Гошев одлучи банката да биде затворена со образложение дека мора да се спречи нов Експорт импорт или нов ТАТ.
И во двете банки штедачите беа обесштетени од Фондот за депозити.
Претходно, пак, драма со своето пропаѓање предизвика битолската штедилница ТАТ, во 1997 година, која остави голем број необесштетени штедач и донесе голем број животни трагедии и тогаш предизвика вистински политички земјотрес.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.