Колку пати може да ги носиме хируршките маски и дали се перат?

Со ширењето на коронавирусот, во Македонија маските станаа задолжителни за носење во сите затворени простори, како и на отворено. Меѓутоа, потрошувачката на толку маски станува проблем, како и фрлање на милиони еднократни маски од пластичен материјал во реките и морињата во светот.
Алтернатива се ткаените маски кои се перат, но многумина им даваат предност на хируршките маски бидејќи се полесни и поединечно поевтини.
„Фрлете ги веднаш откако ќе ги извадите од лицето, по можност во затворена канта за смет“, порачаа пред неколку месеци од СЗО.
Но, по недостигот на маски во првиот бран во април, СЗО во извештајот во јуни дозволи дезинфекција на таквите маски во одредени случаи и нивно повторно користење.
Американската агенција за храна и лекови (FDA) препорача нивно третирање во вонредни ситуации со хидроген пероксид за да се деконтаминираат N95 маските за здравствените работници.
Други методи за чистење на маските за еднократна употреба е изложување на високи температури или ултравиолетово зрачење. Но, тие методи не се погодни за домашна употреба, смета францускиот микробиолог Денис Корпет.
Научници од групата Adios Corona препорачуваат ставање на страна седум дена на маската во хартиена обвивка со означен датум.
„Неколку научни студии покажале дека скоро сите вируси изумираат на маската по седум дена“, вели Корпет.


Според студија објавена во Lancet, само 0,1 проценти од вирусите на надворешната страна на маската може да се детектираат по седум дена. Таа метода не е применлива за здравствените работници изложени на многу големи количини на вируси.
Перењето на хируршки маски во машина за перење не е добра идеја, сметаат други научници.
„Перењето без прашок за алишта можеби нема да ги испере вирусите, а перењето со прашок ќе ја отстрани електростатиката, намалувајќи ја ефикасноста на маската“, вели Петер Каи, творец на електростатскиот материјал за филтрите N95.
„Подобро е да ги менуваме маските на секои четири часа отколку да ги переме и да ги носиме неколку дена по ред, како што некои прават. Тоа е слично како со долната облека“, вели научникот Филип Вроман.
„Перењето маски во домот може да доведе до секундарна контаминација и ширење на вирусот ако не се испере правилно“, смета Каиминг Је од Одделението за биомедицински инженеринг на Универзитетот Бингхемтон во Њујорк.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.