Македонија ја прегази Бугарија за финале на ЕП и место во А-дивизија!

Македонската кошарка има нови јунаци! Јуниорската репрезентација на Македонија на Европското првенство (ЕП) Б-дивизија ја победи и Бугарија (92-68) и така ќе игра во финалето во Скопје, а истовремено обезбеди место и во А-дивизијата.

По петте победи во групната фаза, избраниците на Андреевски ја исфрлија Португалија, а сега покажаа сила и во дуелот против Бугарите кои во овој натпревар влегоа со високи амбиции. Се водеше од почетокот до крајот на оваа средба, се одигра еден перфектен натпревар, кој чини многу за мак-баскетот.

Со оваа победа, Македонија покрај што се пласира во финалето, обезбеди место и во елитната дивизија во следното издание на еврошампионатот. Ќе следи и меч за титулата, со ривал кој допрва ќе биде познат. Македонија во мечот имаше предност од 19 поени (59-40), Бугарите се вратија на минус седум (69-62) на влезот во последните десет минути, но серија од 20-0 на Македонија ги реши дилемите околу победникот (89-62).

Марко Луканоски беше најдобар поентер кај Македонија со 20 поени и дури 16 скока, пред Атанасиј Трајанов и Никола Јаничиќ со по 17 поени, со тоа што Трајанов имаше и 11 скока. Двоцифрен ефект имаше и Лука Марјановиќ со 12 поени. Кај Бугарите, Теодор Трифонов заврши со 20 поени.

На патот до финалето, покрај Португалија и Бугарија во нокаут-фазата, Македонија славеше и над Ирска, Босна и Херцеговина, Чешка, Кипар и Украина во групната фаза. Во мечот за европската титула во Б-дивизијата, нашите кошаркари ќе играат со Полска или Австрија.

Финалето на ЕП Б-дивизија е закажано во недела во СЦ „Борис Трајковски“ од 21:00 часот.

Извор: ГОЛ.МК

Пронајдете не на следниве мрежи: