Маскирани лица пукале во концертната сала, има жртви и ранети

Информациите за загинати се различни, а бројките се движат меѓу 10 и 14 и неколку десетици ранети. Се уште нема официјални информации. Пукањето се случило пред почетокот на концертот на групата Пикник. На твитер профилот на ОСИНТ, пак, се наведува бројка од 40 до 100 загинати

Најмалку три маскирани лица вечерва отвориле оган во концертната сала „Крокус сити хол“ во северозападниот дел на Москва. јавуваат руските медиуми. Информациите за загинати се различни, а бројките се движат меѓу 10 и 14 и неколку десетици ранети. Се уште нема официјални информации. Пукањето се случило пред почетокот на концертот на групата Пикник.

На твитер профилот на ОСИНТ, пак, се наведува бројка од 40 до 100 загинати.

„Руските власти сега известуваат дека има од 40 до 100 смртни случаи како резултат на терористичкиот напад во концертната сала ‘Крокус’ вечерва во главниот град Москва, а бројот на мртви и повредени се очекува значително да се зголеми во следните неколку часа“,

објави ОСИНТ.

Како што јавува ОСИНТ, „стотици, ако не и илјадници руски полицајци, војници, пожарникари и болничари сега пристигнаа во концертната сала ‘Крокус’ во главниот град Москва како одговор на првичниот терористички напад и големиот пожар што се чини дека произлезе од нападот“.

Според видео снимките објавени на социјалните мрежи, вооружени лица отвориле оган во фоајето на концертната сала и во самата сала пред концертот. Тие пукале и во луѓето кои се обидувале да ја напуштат зградата во фоајето.

Околу 100 лица се изнесени од подрумот на „Крокус“, соопшти Министерството за вонредни состојби. Спасувачите спасуваат луѓе од покривот на зградата користејќи механизми за кревање.

Московскиот градоначалник Сергеј Собјанин нареди да им се обезбеди сета неопходна помош на настраданите. Тој го нарече инцидентот страшна трагедија.

„На местото на настанот се испратени повеќе од 30 регионални и 20 екипи на брза помош во Москва“,

соопшти Министерството за здравство на Московскиот регион.

Британски „Гардијан“ пишува дека се работи за терористички напад каков што со години не е виден во Русија. Оттаму додаваат дека напаѓачите во концертната сала биле облечени во воени униформи.

Американска амбасада во Москва: Избегнувајте големи собири во следните 48 часа

Американската амбасада во Русија пред две недели, на 7 март, издаде безбедносно предупредување до граѓаните на САД, барајќи од нив „да избегнуваат големи собири во следните 48 часа“.

Амбасадата, исто така, соопшти дека „ги следи извештаите дека екстремистите имаат непосредни планови за напад на големи собири во Москва, вклучително и концерти“.

Според амбасадата, Американците во Москва треба да избегнуваат големи толпи и да ги следат локалните медиуми и да бидат свесни за сè што се случува во нивната непосредна околина.

Не беше јасно на кои „извештаи“ се повикува амбасадата во своето соопштение. Истиот ден, руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) објави дека убила милитанти на Исламската држава кои планирале „терористички напад“ на синагога во Москва.

Пронајдете не на следниве мрежи: