Повеќе нема сомнеж дека Македонија се наоѓа пред опасноста да се претвори во тоталитарна, антидемократска држава. Веќе одамна се забележуваа различни назнаки и реални индиции за таква претензија преку целосно окупирање на сите институции на системот и нивна инструментализација со која ќе се постигне бесконечно рециклирање на голата власт. Последните неколку битни постапки и делување на мицковистичко дпмне несомнено ја потврдуваат одамна забележливата тоталитарна нишка која провејува веќе 6-7 години таму, а која на мигови дури се манифестираше во отворени закани и најразлични опструкции на интелектуалци и институции кои отворено се спротивставуваат на безграничната ароганција и демонстрација на свирепа политичка моќ (случајот со Град Скопје и целосната опструкција на работењето, на пример). Најважните од нив, подолу анализирани, мора да се разберат и како сериозно предупредување кое ќе го обликува гласачкиот избор на 8 Мај.
Прво, откриените записници и документи од највисокиот партиски орган на вмро дпмне кои беа презентирани пред јавноста од неколку новинари а кои според кажувањето се доставени од „свиркач“ во таа партија и чија автентичност, иако беше негирана од таа партија, практично се докажа токму со реализацијата на тој план, настрана вртоглавите цифри од „партиски донации“, ги покажаа широко распространетите лостови на логистика, што е една од главните карактеристики на диктаторски режим. Впрочем, шокантните резултати од првиот круг на претседателските избори веројатно се дожи токму на непречената реализација на изборниот, гласачки план на мицковистичко дпмне. Според јавните изјави и информации, нема дилема дека тој фамозен, класично антидемократски план беше спроведен на 24 Мај, и притоа се симптоматични две работи – списоците од министерството за трд и социјална политика, како и информацијата од МВР дека бил спречен обид за изнесување на усб од ДИК. Кога се знае дека таму раководат кадри на вмро-дпмне, непостапувањето на институциите само се поклопува со веќе воспоставениот режим, или барем зачетоци на истиот.
Второ, собирањето на купче на толку отворено спротивставени програмски концепции и партиски идеологии под името на некаква „коалиција предводена од вмро дпмне“, меѓу другото значи намалување на демократскиот плурализам на концепти и најразлични партиски идеи, што е исто така значајна карактеристика на диктаторски режими. Оваа коалиција многу наликува на т.н. демократски социјализам, односно сите различни мислења да се редуцираат и филтрираат од еден центар. Макар тие биле и татално инкомпатибилни – замислете го тој апсурд, кога во таа коалиција седат заедно – под ист центар – партија која со години отворено се заложува за поништување на преспанскиот договор, поништување на охридскиот рамковен договор, отстранување на „остатоците од УДБА“ (што и да значи тоа), со партија која се заложува за поблиска соработка со Србија и развиток на односите со Русија, и партија која има за цел донесување нов, граѓански устав со безрезервна соработка со стратешките партнери САД и ЕУ, дополнително и стриктно против европскиот предлог за уставни измени. И за парадоксот да биде комплетен, сите тие се под еден центар, со нивната кандидатка за претседател и еден партиски потпретседател кои јавно велат дека се за интеграција во ЕУ преку одложено важење на уставни измени (инаку, во меѓународните односи и право не постои такво нешто како одложено важење на Устав; или има Устав или нема. Уставот не е некој безначаен закон во кои понекогаш се наведуваат преодни и завршни одредби, туку највисок акт на државата, доказ за нејзин политички меународен субјективитет). И, за циркусот да биде гротескен, со друг потпретседател на истиот центар кој вели дека уставни измени „под бугарски диктат“ нема да има. Што друго може да биде целта на таква а ла монти пајтон франкештајновска коалиција со дивергентни фундаментални концепции под еден центар освен – освојување на власт заради власт – бидејќи зедничка програма, унифицирана и кохерентна, просто кажано, нема и не може да има. Консеквенца е анихилација на различни визии, идеи, алтернативни перспективи дури и како слободен избор за гласачите, што е многу загрижувачко за држава во Европа, во 21 век.
Трето, евидентно долготрајната соработка со оние партии кои, симптоматично слично на коалицијата предводена од вмро дпмне, се здружија под името ВЛЕН. Нивната соработка и координирани политички постапки и изјави беше видлива одамна за оние кои се упатени во политичко-медиумскиот дискурс овде. Таа сега веќе целосно отворена коалиција за составување на Влада исто така не може да биде насочена кон ништо друго освен за гола власт, затоа што нивните фундаментални политички ставови се директно спротивставени едни на други и меѓусебно се исклучуваат. Деновиве сето тоа добива дури и карикатурални пропорции со нивелација дури и на нивниот јавен вокабулар сосе бизарните јавни взаемни негирања на договорените услови на идната Влада. На пример, Изет Меџити децидно вели, цитирам, „ќе обезбедиме (ВЛЕН) уставни измени во рок од шест месеци по формирањето на новата Влада“ (sic!), додека речиси истовремено „лидерот“ на коалицијата предводена од вмро дпмне тврди дека таков услов нема односно нема да биде прифатен (sic!). И сега, секој нормален човек ќе праша – кој кого овде лаже, или пак сите истовремено го лажат народот за гола власт? Како е возможна воопшто таа коалиција (Влада) кога во програмите посебно на сите тие партии од ВЛЕН, а и заедничките, се наведува дека ќе бараат бришење на уставната формулација за 20 проценти и нејзина супституција со Албански јазик, на што според една поодамнешна изјава на Таравари „лидерот“ на коалицијата предводена од вмро дпмне веќе се согласил, покрај јавните ставови на неколку лидери на партии кои се во истата коалиција а кои се стриктно против укинување на таа дистинкција за јазикот; понатаму, кога сите тие од ВЛЕН бараат доследно спроведување на правичната и пропорционална застапеност (значи уште повеќе вработувања на Албанци во јавните и државни институции од досега), а од друга страна „лидерот“ на мицковистичко дпмне повеќепати кажува дека ќе го укинувал „балансерот“?! Притоа, секој треба да знае дека т.н. балансер е продукт на Уставот (тој беше поставен на 30 проценти согласно вкупните бројки од последниот попис токму од министер на една од партиите кои сега се во коалиција со вмро дпмне). За тој да се укине, како што најавуваат „патриотите“ од мицковистичко дпмне, треба да се смени Уставот односно делегализира Охридскиот рамковен договор. Зарем може да биде нешто повеќе од фантазмагорија или обична политичка лага за гола власт дека за истото некогаш ќе гласа некој Албанец пратеник а камоли мнозинство од Албанците пратеници?!
Кога пред неколку недели прочитав дека повеќето партии потпишале некаков си кодекс за фер и демократски парламентарни избори (!), најпрво помислив дека е пародична вест или шега, уште повеќе што на истото потпишување присуствувале главните партии од сеуште легитимната и легална власт. Откако сфатив дека сепак тоа навистина се случило, повеќе немав никакво сомневање дека или СДСМ и ДУИ се договорени да им ја препуштат власта на мицковистичко дпмне и Таравари, Изет Меџити, Африм Гаши и Билал Касами (ВЛЕН), или навистина се изгубени политички во времето и просторот, а ова е Македонија во 2024 година. Па, како може да има фер и демократски избори кога едноставно нема ниту минимум услови за фер избори, на пример затоа што речиси сите ТВ па дури и државниот, јавен телевизиски и радио сервис се со про-дпмне уреднички политики и секојдневно вршат класично перење на мозок на припростите граѓани, грубо кажано. Државата, власта не успеа да овозможи еднави можности за гласачка објективна рецепција на политичките партии, посебно на помалите, на своја штета, што е уште поапсурдно. Во комбинација со сознанието за сеуште доминирачката стеснета партиска свест и недоволно ниво на развој на рационална гласачка граѓанска свест, овие избори ќе бидат најверојатно најмалку демократски за овие триесетина години од демократската форма на државата. Оттаму, крајно опасно ќе биде доколку народот, гласачите, ги дозволат овие антидемократски тенденции, можниот тоталитаризам и редуцирањето на политичкиот плурализам. Во недемократската изборна атмосфера и медиумскиот мрак кој веројатно го нема ниту во Северна Кореја повеќето луѓе тешко може да забележат некои нови и исклучително вредни идеи, односно партии со голем потенцијал а кои се неопходни за воспоставување на нормална, демократска држава. Таков е случајот со Нова Алтернатива, партија која за само неколку месеци успеа да создаде структури на целата територија среде монополот на истата од страна на вмро дпмне а до неодамна и СДСМ, раководена од личноста која во намерно дифузирана орвеловска атмосфера на страв се спротивстави на сите тоталитарни методи и амбиции од страна на мицковистичко дпмне и чија економска програма е апсолутно доминантна со својата современост во смисла на најнови светски трендови за развој на сите аспекти од економскиот систем, автономно од можностите на ЕУ. Битна современа македонска потреба е да има партии кои знаат да ги адаптираат современите теоретски знаења и новите концепции за развој на бизнисот во нашата реалност. Затоа, Македонија не смее да си дозволи да биде роб на веќе анахрони модели на хибридна десничарска економска концепција во практика веќе сведена на заштита на крупниот капитал, каква што промовира мицковистичко дпмне преку својот мошне конфузен и површен, самоконтрадикторен „економски тим“, а уште помалку политичко – режимски монопол врз политичките партии. Македонија денес заради елементарната слобода во просторот на животот не смее да допушти затворање на перспективите за нови и нови идеи кои ќе ја направат подобро место за живеење, не смее да ги затвори траекториите за економски и политички развиток, дури и како демократска брана пред налетот на амбициите за политички монопол и тоталитарно управување. Ние денес не можеме да дозволиме некои повторно да не смести во „Балканската мрачна крчма“, во нов сталинистички режим. Затоа, 8 Мај е денот кога секоја одговорна и самосвесна индивидуа мора да го преиспита својот гласачки избор направен на 24 Мај во наведениот контекст на факти и плаузибилни индикатори, а во голем дел и емпириски верификувани зачетоци на недемократски режим.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.