Пожарот во Пласница се приближува до куќите, општината го гаси сама со жителите, ЦУК не го смета за многу опасен

Денеска е трет ден откако пожар го зафати селото Пласница.
Жителите во текот на вчерашниот ден организирано со трактори и рачен алат успеале да локализираат два пожари во горниот дел на селото, бидејќи не добиле помош од пожарникарите од земјава и регионот под изговор дека има уште поопасни ситуации, објави ТВ 21.

Но, вчера попладне во ова село се прошири уште еден пожар кој денеска продолжи да гори и се приближи до долниот дел од селото и стигна многу блиску до куќите.

Градоначалникот на општина Пласница, Алија Јаоски и денеска ги мобилизираше жителите за локализирање на пожарот, иако како што вели тој ги става во опасност жителите бидејќи поради ветерот пожарот брзо се шири.

Јаоски бара помош од надлежните институции за гаснење на пожарот. Досегашните повици не наидоа на слух. Денеска повторно апелираше за помош бидејќи се соочува со опасност да биде зафатено и селото и да ги загрози жителите кои се соочуваат со гаснењето на пожарот.

ТВ21 побара коментар и од директорот за управување со кризи Стојанче Ангелов за моментите кога пожарот бил на 300 метри блиску до куќите, но тој ни рече дека самите граѓани таму го гасат пожарот и рече дека има поопасни пожари кои претставуваат голем ризик додека пожарот во Пласница го опиша како не толку ризичен. Потоа од Центарот за управување со кризи за ТВ21 изјавија дека се во постојан контакт со градоначалникот и дека граѓаните донекаде успеале да го локализираат пожарот, но доколку ситуацијата излезе од контрола, ќе преземат мерки.

Извор: ТВ 21

Пронајдете не на следниве мрежи: