Полнети ајварки со мелено месо и ориз во доматен сос

Состојки
околу 15 пиперки ајварки
околу 700 г мелено јунешко месо
200 г ориз
1 главица сецкан кромид
1 лажичка црвен пипер
150 мл доматен сос
1 полна лажица мешан сув зачин
половина лажичка црн бибер
малку оригано или сушен магдонос по желба
Друго
4 чаши вода
500 мл доматен сос
по 1/2 лажица брашно и црвена пипер растворени во половина чаша ладна вода
масло по потреба

Полнетите пиперки се закон јадење и секоја домаќинка си има свој начин на подготовка. Мене овој начин ми е најубав зашто пиперките се сочни и со доста сос. А ајварката е најубава и највкусна пиперка за полнење. Заради големината на пиперките, потребно е и малку повеќе зајре за да се наполнат.
Подготовка
Прво, испржете го исечканиот кромид, додадете го месото, зачините и пржете десетина минути. На крајот додадете ориз, црвен пипер и доматен сос. Измешајте убаво и тргнете го тавчето на страна.
Пиперките треба да бидат измиени, со отстранети дршки и семе.
Наполнете ги пиперките со подготвената смеса. Користете лажичка за полнење. Не ги преполнувајте зашто оризот ќе набабри. Пиперките можете да ги затворите со парчиња домат или компир. Мене ми се убави незатворени зашто сакам да навлези сосот во нив во текот на печењето.
Ставете ги пиперките во тава за печење, ја користев делимано коперлукс икс иск ел длабоката тава, додајте ја водата така што пиперките се повеќе од половина покриени со вода, ставете малку масло одозгора и ставете ги во загреана рерна да се печат на 250 Ц.
Оставете ги да се печат додека не се запечат добро одозгора. Потоа извадете ја тавата и превртете ги внимателно пиперките од другата страна и додадете го сосот од домати и раствореното брашно меѓу пиперките, додадете и малку сол во сосот и вратете ја тавата во рерната да се запечат пиперките и од другата страна. Вкупното време на печење е малку подолго зашто ајварката е месеста пиперка и сака повеќе време на печење. Времето за печење е околу 90 минути до 2 часа.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.