Реал ги има најголемите ѕвезди, но најплатените фудбалери во Ла Лига играат во Барса

Францускиот репрезентативец Килијан Мбапе во новата сезона ќе се приклучи на плејадата мега-ѕвезди во Реал Мадрид и ќе има годишна бруто плата од 31,2 милиони евра.

Тоа е далеку од неговата заработка во ПСЖ каде за две сезони доби дури 200 милиони евра без спонзорските договори. И покрај тоа ќе биде најплатен фудбалер на Реал, но дури на третото место кога станува збор за шпанското првенство.

Неверојатно звучи фактот што првите двајца фудбалери со највисока плата во Ла Лига се членови на Барселона која би требало да ги скрати своите расходи за да опстане на финансиски план. Станува збор за Френки де Јонг кој има договор на 37,5 милиони и Роберт Левандовски на 33,5 милиони евра. Првиот е повреден и никој не знае кога ќе се врати на фудбалските терени, додека вториот наскоро ќе наполни 36 години и е блиску до крајот на својата професионална кариера. Веројатно високата плата е причина за желбата на Барселона да се ослободи од Де Јонг во летниот преоден рок.

Зад Де Јонг, Левандовски и Мбапе се наоѓаат Винисиус, Облак, Алаба, Белингам, Гундоган, Валверде и Куртоа. Од првите 10 најплатени, деветмина играат во Барселона и Реал.

Пронајдете не на следниве мрежи: