Руски и кинески воени авиони извршија заеднички прелет во азиско-пацифичкиот регион

Русија и Кина извршија заеднички воздушни патроли во азиско-пацифичкиот регион во вторникот, соопшти руското Министерство за одбрана, додека истовремено Јапонија и Јужна Кореја изразија загриженост во врска со летовите.

Јапонскиот министер за одбрана Нобуо Киши им изјави на новинарите дека неговата влада и ја соопштила на Русија и на Кина својата „голема загриженост“ поради „провокативните“ прелетувања

Во соопштението на руското министерство се вели дека руските стратешки ракетни носачи Ту-95 и кинеските стратешки бомбардери Ксиан Х-6 учествувале во воздушните патроли над Јапонското и Источното Кинеско Море. Бомбардерите биле придружувани од борбени авиони Су-30СМ.

„Времетраењето на летот на руските стратешки ракетни носачи беше околу 13 часа“, соопшти Министерството.

Исто така, потврди дека „во одредени фази од рутата, стратешките носачи на ракети биле придружувани од авиони Ф-2 на јужнокорејските воздухопловни сили и Ф-15 на јапонските воздухопловни сили“.

Сепак, Министерството нагласи дека и кинеските и руските авиони „дејствувале строго во согласност со одредбите на меѓународното право“ и не го нарушиле воздушниот простор на другите земји.

„Настанот се одржа како дел од спроведувањето на одредбите на планот за воена соработка за 2022 година и не е насочен против трети земји“, соопшти руското Министерство за одбрана.

Воздушните патроли се совпаднаа со состанокот меѓу лидерите на САД, Индија, Австралија и Јапонија на самитот на Квадрилатералниот безбедносен дијалог (Quad) во Токио.

Јапонскиот министер за одбрана Нобуо Киши им изјави на новинарите дека неговата влада и ја соопштила на Русија и на Кина својата „голема загриженост“ поради „провокативните“ прелетувања, истакнувајќи дека овие грижи се поврзани и со безбедноста на Јапонија и со регионалната безбедност воопшто. Тој потврди дека нема повреда на јапонскиот територијален воздушен простор, но нагласи дека соработката меѓу Кина и Русија е загрижувачка.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.