Славјанка: Македонија е активен и посветен НАТО сојузник што придонесува кон колективната и регионалната безбедност

Министерката за одбрана Славјанка Петровска утрово во Министерството се сретна со Хавиер Коломина, помошник генерален секретар на НАТО за политички работи и безбедносна политика со кого разговараше за придонесот на Македонија како посветен и активен сојузник во Алијансата кон колективната безбедност на НАТО и кон стабилноста на регионот.

На средбата Петровска истакна дека Македонија во целост ги спроведува прифатените обврски од НАТО пакетот на цели на способности, со особен акцент на модернизацијата на Армијата и унапредувањето на условите и развојот на човечките капацитети во Министерството и Армијата.

„Инвестирањето во македонската одбрана во 2024 година ќе достигне 2% од бруто – домашниот производ, а од средствата наменети за одбрана една третина ќе бидат насочени кон модернизација, што е гаранција дека процесот на опремување на Армијата ќе продолжи да се реализира со несмалено темпо. Посветени сме на модернизацијата како одговорна членка на НАТО но подеднакво и заради националната безбедност“, рече министерката Петровска.

Таа го информираше помошник генералниот секретар Коломина за помошта која во досега во 10 наврати Македонија ја донираше на Украина и нагласи дека во согласност со проценките на Генералштабот таа помош и понатаму ќе продолжи.

Во контекст на регионалната безбедност, министерката истакна дека Македонија го зголемува учеството во мисијата КФОР на Косово. Таа потенцираше дека дијалогот меѓу Белград и Приштина треба да продолжи и дека и двете страни треба да ги реализираат преземените обврски.

„Интеграцијата на земјите од регионот во ЕУ е безбедносно прашање и најдобар одговор на обидите за влијанија од трети страни во регионот“, рече Петровска.

Во соочувањето со проблемот на хибридни закани и лажни вести, Петровска ја истакна 100 процентната активна транспарентност на Министерството за одбрана како најдобар начин за превенција и справување со овој предизвик.

Помошникот генералниот секретар на НАТО, Коломина се заблагодари за активното учество на Македонија во НАТО и видливиот придонес кон зацврстувањето на регионалната и колективната безбедност. Тој го поздрави придонесот на Македонија во мултинационалните сили на НАТО во Бугарија и Романија, учеството во мисијата на НАТО на Косово, помошта за Украина во одбрана на нејзиниот територијален интегритет и стабилното инвестирање во развојот и модернизацијата на одбраната.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.