На македонскиот спортски календар за септември, ТРЧАЈ БЕ е трката која четврта година доминира. Битола е подготвена за најголемиот спортски настан кој ја очекува оваа недела, на 4 септември, а тоа е четвртото издание на трката која за мошне кратко време се наметна по својата популарност и кај рекреативците и кај врвните атлетичари, а од минатата година доби меѓународно значење со организирање на Балканското првенство во полумаратон.
Годинава, според бројот на пријавени учесници кој го соопштија организаторите и изнесува 1.400 кои доаѓаат од 12 земји од светот, ова ќе биде најмасовното издание досега. ТРЧАЈ БЕ годинава е и Национално првенство во полумаратон, кое стои официјално во календарот на Атлетската федерација на Македонија.
„Врвни атлетичари од повеќе земји и домашни вљубеници во трчањето ќе трчаат на трите патеки долги 5, 10 и 21км низ Битола. Ќе биде и големо и масовно издание. Полумаратонот кој минтата година го организиравме за прв пат и беше Балканско првенство, годинава ја продолжува традицијата да биде ставен на атлетската листа настани како Национално првенство и тоа е голем комплимент за нас како организатори.
Пријавена е целата македонска атлетска елита, на листата имаме и атлетичари од странство, бројни компании кои токму овој викенд ги испланираа своите тим билдинг активности и се разбира учесници рекреативци” – истакна Никола Димитровски, директор на трката.
Битола веќе неколку месеци интензивно се подготвува да ги дочека учесниците и гостите, кои во градот под Пелистер по четврт пат ќе направат празник на трчањето. Се подготвува и придружна програма, која ќе направи вистински спортско-забавен хепенинг во градот по патеките, а на главната сцена настап ќе има и Љубојна. Во градот нема веќе слободно хотелско сместување, заради големиот број на гости и натпреварувачи, што е убав пример на спортски туризам кој носи профит за градот домаќин на трката.
“Во Трчај бе, бројни спонзори препознаа проект кој е интересен за нивна презентација и таа поддршка е значајна за да се изведе квалитетно овој голем и масовен настан. Убаво е кога гледате како компаниите и граѓаните се свесни што ова носи за градот и како настан, но и како концепт кој носи профит во многу придружни сектори, освен туризмот”- истакна Димитровски.
Оваа година, по втор пат во ПР кампањата за трката беа вклучени и студентите од тренинг-програмата за графички дизајн на Monday Learning кои се обидоа да ја раскажат приказната за ТРЧАЈ БЕ оваа година е инспирирана од “битолцизмите“ и градскиот хумор, пренесувајќи колку е едноставна љубовта кон трчањето.
Се гледаме овој во недела на ТРЧАЈ БЕ во Битола.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.