Хеликоптерите од „Леонардо хеликоптерс“ ќе имаат опрема за гаснење на пожари, вели министерот Мисајловски

Хеликоптерите од италијанскиот производител „Леонардо хеликоптерс“ што Министерството за одбрана ќе ги набави за потребите на Армијата на Република Северна Македонија ќе бидат опремени со инсталација и подготвени за гаснење на пожари, вели министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Мисајловски, во изјава за МИА, најавува и дека во најбрз можен рок до Владата ќе биде доставен нов Закон за пожарникарите.

„Министерството за одбрана во периодот што следува ќе ги разгледа предлозите кои во изминативе неколку години работни групи од повеќе надлежни институции за оваа проблематика работеле на изработка на нов Закон за пожарникарство и во најбрз можен рок ќе излезе со предлог до Владата“, вели Мисајловски.

Инаку, дел од платите на пожарникарите се обезбедуваат преку наменски дотации од буџетот на Министерството за обрана. На ниво на држава 734 пожарникари се финансираат преку наменски дотации.

Од Министерството за одбрана во март годинава информираа дека постапката за изборот на компанијата е започната по оглас објавен во 2019 година. Како што објави тогашната министерка за одбрана Славјанка Петровска, за осум хеликоптери од италијанскиот производител „Леонардо хеликоптерс“ Министерството ќе плати 230 милиони евра. Исплатата ќе се реализира на четири рати, а првата ќе биде исплатена оваа година и е во износ од 16 проценти од вкупната вредност на набавката.

Во пакетот на набавката влегува и обука на пилотски и технички персонал, како и достапност за симулатори за обука, а ќе биде обезбеден и хангар во кој ќе бидат сместени новите хеликоптери.

Првиот хеликоптер ќе пристигне во втората половина на 2026 година, а целата испорака ќе биде извршена заклучно со 2028 година.

Изминатите денови земјата е зафатена со неколку пожари, а во гаснењето покрај армиски хеликоптер вклучени се и полициски и „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување.

Пронајдете не на следниве мрежи: