Жељазков: Инсистираме на почитување на договорените предуслови за РС Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ

„Бугарскиот парламент не поставува различни услови, но ние инсистираме на почитување на договорените предуслови за Република Северна Македонија да започне преговори за членство во Европската Унија“, изјави бугарскиот премиер Росен Жељазков во емисијата „Недела 150“ на БНР, како одговор на прашањето дали Бугарија би направила гест со повлекување на барањето и условот Бугарите да бидат вклучени во Уставот на Македонија.
На прашањето дали е можен дополнителен билатерален протокол меѓу Бугарија и Македонија, кој некако би дал гаранции на Скопјe дека нема да има повеќе пречки на европскиот пат, Жељазков нагласи дека не може да има поголема гаранција од едногласната одлука на бугарското Народно Собрание.
„На колегите од Скопјe треба да им биде јасно дека стоиме зад овој став, бидејќи е принципиелен. Нема да менуваме ништо во однос на претворање во билатерален спор, ниту во барање невидливи влијанија и интеракции со главните политички играчи низ целиот свет“, потенцирал Жељазков.

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани претходно неделава изјави дека прво треба да се затоплат односите со Софија, да заживее дијалгот, да се врати довербата, па потоа ќе се размислува за надминување на спорот евентуално со трет протокол, како што неодамна најави претседателката Гордана Сиљановска Давкова или на некој друг начин.
„Тоа што се работи константно по локалните избори заедно со нашите европски партнери е воспоставување на дијалогот и враќање на довербата, бидејќи без дијалог и доверба не може да стане збор за надминување на проблемот. Во моментов се прават напори за воспоставување дијалог и градење доверба, а потоа ќе стане збор и за можните начини за надминување на проблемот“, рече Муртзани.
Сиљановска Давкова во гостувањето на ТВ 24 го спомена третиот протокол, како креативно решение.

„Има протокол, тоа е записник обичен потпишан од двајца министри. Со записник вие менувате меѓународен Договор или му додавате. Отворете го Договорот за пријателство и добрососедство, еден збор нема таму за уставни измени. Тогаш нека бидат креативни, трет протокол нека усогласат во кој ќе кажат дека не може прашањата врзани за историјата, културата и идентитетот да бидат услов“, посочи претседателката.

Пронајдете не на следниве мрежи: