четврток, 26 ноември 2026
Најново

Андоновски: Државата не смее да зависи од сервери во 40 објекти, потребен е национален дата-центар

Претпочитан извор Додај го Пулс24 во твоите извори на Google Додај

Македонија мора да изгради национален дата-центар за да ја обезбеди стабилноста на дигиталните услуги и да го следи развојот на вештачката интелигенција, е заклучокот на панел-дискусијата „Дата-центрите, расчистување на мистеријата“, во рамките на конференцијата „Индустријата и животната средина: профитот не е единствената цел“, во организација на Стопанската комора и УНДП.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски истакна дека државните системи во моментот се распределени на повеќе од 40 локации во Скопје, што, како што рече, создава сериозни ризици за нивното функционирање.

ПУЛС24.МК - 14 ГОДИНИ

– Имаме повеќе од 40 локации на кои се чуваат податоци и сервери, а за нив се грижат разни институции. Често се случува да има прекини поради технички проблеми, дефекти на климатизација или нестабилно напојување. Тоа не е само прашање на кибербезбедност, туку и на сигурност и континуитет на државните услуги – рече Андоновски.

Според него, проектот за национален дата-центар е вклучен како индикативен проект во планот за раст на Европската Унија и во реформската агенда на државата, а се разгледуваат можности за негово дополнително финансирање.

Осврнувајќи се на развојот на вештачката интелигенција, министерот оцени дека земјите што нема да изградат сопствени капацитети ќе се соочат со поголема зависност од странски технолошки компании и инфраструктура.

– Постои реален ризик да се создаде јаз меѓу оние што ќе имаат пристап до ресурсите потребни за вештачка интелигенција и оние што нема да може да си го дозволат тоа. Затоа мора навреме да инвестираме во сопствени капацитети – истакна Андоновски.

Тој посочи дека државата веќе работи на обезбедување пристап до капацитети за вештачка интелигенција преку регионални иницијативи и со поддршка од Европската Унија, но нагласи дека на долг рок е неопходно создавање домашна инфраструктура.

Министерот оцени дека развојот на дата-центри може да претставува значајна можност за привлекување странски инвестиции, трансфер на технологии и отворање нови можности за македонските ИТ-компании и инженери.

Според него, Македонија годишно создава речиси илјада ИТ-инженери, кои треба дополнително да се специјализираат во области како кибербезбедноста, cloud computing и управувањето со центри за податоци.

Андоновски информира дека анализите покажале оти во државата постојат локации со потенцијал за развој на помали и средни дата-центри, особено во напуштени индустриски капацитети и во близина на индустриските развојни зони, како во Скопје и Охрид, при што како особено атрактивен регион го посочи подрачјето околу Неготино.

Во дискусијата учествуваше и Петар Пешев од „Ултра“, кој нагласи дека во јавноста честопати се поистоветуваат различни типови дата-центри, иако тие имаат различни технолошки карактеристики и влијание врз животната средина.

Тој посочи дека треба јасно да се прави разлика меѓу класичните дата-центри и центрите наменети за вештачка интелигенција, кои имаат значително поголема потрошувачка на електрична енергија и посложени системи за ладење.

– Не сите дата-центри се исти. Кога се зборува за нивното влијание, мора да се знае за каков тип на дата-центар станува збор, колкава е неговата потрошувачка на енергија, каков систем за ладење користи и какви се неговите еколошки ефекти – појасни Пешев.

Тој нагласи дека покрај економските придобивки, дата-центрите имаат важна улога и во заштитата на чувствителните податоци, особено во секторите како осигурувањето и јавната администрација, каде обработката на информациите често мора да остане во рамки на локалната инфраструктура.

Според Пешев, токму затоа развојот на домашни капацитети за складирање и обработка на податоци е важен предуслов за понатамошна дигитална трансформација и примена на решенија базирани на вештачка интелигенција.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, порача дека прашањата поврзани со индустријата, екологијата и новите технологии повеќе не можат да се одложуваат и дека е потребна отворена дебата за нивното влијание врз идниот економски развој.

Тој оцени дека темите како дата-центрите, енергетската инфраструктура и одржливиот развој се прашања со кои државата мора директно да се соочи при креирањето на економските политики.

– Прашањата за индустријата и екологијата мора да се соочат во еден момент и да добијат јасен став. Без таква дебата не можеме да одиме напред и да креираме политики што ќе бидат значајни за идниот развој на државата – нагласи Азески.

Според него, бизнис-заедницата е свесна за предизвиците што ги носат глобалните економски и технолошки промени, а како клучни приоритети ги издвојува борбата против корупцијата и сивата економија, забрзаната гасификација, поддршката на извозот и поголемата регионална економска интеграција.

Поврзани вести