Владата на денешната седница ја замрзна цената на белиот леб на 33 денари. Исто така, донесена е одлука и да се укине субвенционирана цена на струјата за компаниите. Цената на лебот ќе биде замрзната до 31 мај оваа година.
Како што кажа на денешната прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски, овие одлуки се донесени бидејќи компаниите не ги намалиле цените на основните производи и покрај антикризните мерки на Владата.
„Антикризните мерки ги носевме за да обезбедиме мирна и предвидлива есен и зима за граѓаните и компаниите во време на енергетска криза. Компаниите добија цена на струја преку ЕСМ пониска од берзанската. Помина доволен период од последниот пакет мерки за цените да се усогласат. Проверките на Пазарна инспекција покажаа дека иако компаниите добиваат субвенционирана електрилна енегрија, цените не ги намалија или ги намалија незначително. Јас неоправдно покачување на цените нема да дозволам. Затоа, на денешната седница оваа мерка ја укинавме. Производителите на основните прехранбени производи ќе се снабдуваат со струја согласно Законот за енергетика и правилата за снабдување со струја“, рече Ковачевски.
Со замрзнувањето на цената, белиот и полуделиот леб сечен и на париња или цел од 450 грама ќе биде 33 денари, а под 450 грама до 33 денари по леб во сооднос со тежината на лебот.
Одлуките утре ќе бидат објавени во Службен весник по што ќе стапат на сила.
Производителите на леб вчера се заканија дека доколку Владата донесе одлука за замрзнување на цената на овој производ, тие веднаш ќе престанат да го произведуваат и да го испорачуваат на пазарот, и тоа не само „народниот“, туку сите видови леб. Ваква одлука донеле едногласно 32 индустриски пекари од целата држава плус здруженија на мали пекари од повеќе градови, на итниот состанок кој што беше одржан во Стопанската комора на Македонија.
Пронајдете не на следниве мрежи: