“Охридско лето“ ќе го прослави роденденот со концерт на Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ

Фестивалот “Охридско лето“ вечерва ќе го прослави 59-тиот роденден со концерт на познатите гитаристи Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ на сцената на Античкиот театар. Со овој концерт нашата најпозната сценско-музичка манифестација ја продолжува традицијата својот роденден на 4 август да го одбележува со несекојдневни доживувања, нудејќи содржини малку поинакви од вообичаениот фестивалски концепт и со концерти што привлекуваат поширок аудиториум.
На прес-конференцијата по повод вечерашниот концерт беше истакнато дека денот кога фестивалот го слави роденденот стана симбол за неповторлив настан.
– Секоја година во традиционалниот термин од 12 јули до 20 август се случува магијата наречена “Охридско лето“. Повеќе од половина век оваа манифестација испишува богата историја со славни имиња од светската музичка елита и врвни театарски креации. Секоја година 40-те фестивалски денови се празник на уметноста – рече директорката на “Охридско лето“ Наташа Поповиќ.
Влатко Стефановски, виртуозот на гитара од многумина оценет како нашиот најпознат музички амбасадор во светски рамки, на прес-конференција денеска рече дека “Охридско лето“ со своите 59 изданија може да биде ментор и учител, пример за многу фестивали во регионот и светот. Секој негов настап во Охрид, рече, му бил предизвик, привилегија, задоволство.
– Сум растел заедно со овој фестивал, честопати сум бил во Охрид токму кога се случувало “Охридско лето“. Сум доаѓал од Скопје пред 30 години за да го гледам Рави Шанкар во „Света Софија“, токму во рамки на фестивалот. Сум учествувал на фестивалот. Знам колку е тешко да се организира ваква манифестација, со многу учесници, гости, сместувања, тонски проби, озвучување, простори, столчиња, по ветер, дожд, сонце…Оттаму и мојата поддршка на сите тие напори, со искрени честитки за толку голем јубилеј, рече Стефановски.
Мирослав Тадиќ не го криеше задоволството што му е дадена можност да настапува во земјата за која рече дека е извориштето на музиката што особено ја сака. Рече дека додека бил мал и гледал преноси на концерти од „Охридско лето“, воопшто не верувал дека ќе ја има честа да свири на фестивалот, уште помалку за роденденскиот концерт.
– Македонија и мојата уметничка татковина бидејќи веќе 40 години откако заминав во САД на свој начин најмногу се занимавам токму со македонската музика. Таа е за мене извор на инспирација, на мошне интересен музички материјал, така што би се пофалил дека генерации студенти од целиот свет преку мене ја откриваат и обожуваат таа музика, со нејзината прекрасна мелодичност, хармонија и ритмика – истакна Тадиќ.

Loading...