Агатангел: Сулејман Реџепи е црниот ангел на поделбите

На Фејсбук страната на Повардарската епархија владиката Агатангел реагираше на изјавите на поглаватарот на Исламската верска Заедница, Сулејман Реџепи, дека Македонците се див народ без идентитет, со текст насловен „Омразата на поглаварот“.
Според Агатангел Реџепи не наликува на верник, кој преку своите верски принципи и морални норми и правила најпрво ги победува своите слабости и страсти, а потоа и со многу љубов и разбирање го прегрнува целото создание и сè што дише на овој свет. Напротив, вели дека тој е плиток човек кој прави поделби.
– Сулејман Реџепи е црниот ангел на поделбите, па со своите изјави ги нахранува екстремистите на кои единствена светиња им се крвопролевањата насекаде во белиот свет. Затоа, ставовите на овој залутан човек во верата се семе на раздорите, кое едвај чека да биде полеано од „дивите“ по душа, од кое пак подоцна, неминовно и неконтролирано ќе никне разгранетото дрво на омразата, која бездруго е опасна по живот, напиша Агатангел.
Според него изјавата не е навреда само за христијаните, туку и за муслиманите, затоа што огромен дел од ИВЗ се токму Македонците муслимани.
– И тие ли диви и без идентитет? За жал, македонското општество, кое се стремиме да го изградиме како мултикултурно, со децении толерира вакви полулуѓе, чии дела и постапки сведочат за основната невоспитаност на овие недоветни провокатори, чија нечовечност во однесувањето е многу далеку над границите на пристојноста. Затоа, доколку сакаме да бидеме нормално општество, мораме час поскоро да ги пресретнеме ваквите одвратни однесувања, а мораме и да создадеме делотворен механизам за превенција, како воопшто не би дошло до нивна несакана појава. Господин Сулејман е рак – рана на општеството и затоа соодветно, како што и му доликува, треба да биде препознаен и третиран како заразено ткиво кое се заканува да го оболи целото тело, пишува Агатангел во текстот.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.