Ако САД испратат војници во Украина, Русија технички е подготвена за нуклеарна војна

Путин на крајот на февруари во обраќањето кон нацијата рече дека Западна Русија мора да биде соодветно заштитена по проширувањето на НАТО со Шведска и Финска додавајќи дека силите на НАТО подготвуваат напад на руска територија користејќи ги, како што рече, најефикасните сили за тоа

Претседателот Владимир Путин вчера го предупреди Западот дека Русија е технички подготвена за нуклеарна војна, пренесува Ројтерс. Оваа изјава Путин ја дава само неколку дена пред изборите во Русија, кои треба да се одржат на 15-17 март, а кои според сите анализи треба да му донесат уште шест години на чело на руската држава. Одговарајќи на прашање за руската национална телевизија и новинската агенција РИА, дали земјата навистина е подготвена за нуклеарна војна, тој одговорил дека Русија е подготвена, но дека не гледа потреба од употреба на нуклеарно оружје во војната во Украина.

Сепак, не ја исклучува и таквата можност, зашто според него, доколку САД испратат војници во Украина, тоа, како што вели, ќе се смета за значителна ескалација на конфликтот.

„Од воено-техничка гледна точка, ние, се разбира дека сме подготвени“,

изјавил Путин.

Путин посочил и дека доколку САД распореди американски војници на руска територија или во Украина, Русија тоа ќе го смета како интервенција.

„Во САД има доволно специјалисти во областа на руско-американските односи. Затоа, не мислам дека треба да се брза кон нуклеарна конфронтација, но и покрај тоа, ние сме подготвени за тоа“,

вели тој.

Сепак, Путин рекол дека никогаш не почувствувал потреба да користи нуклеарно оружје во Украина.

Како што пренесува Ројтерс, Путин испрати десетици илјади војници во Украина во февруари 2022 година предизвикувајќи целосна војна по осум години конфликт во источна Украина меѓу украинските сили од едната страна и проруските Украинци и руските претставници од другата страна.

Путин испрати серија јавни нуклеарни предупредувања до САД со цел да се обесхрабри поголеми вклучувања во Украина, потег за кој Кремљ вели дека ќе означи лизгање во светска војна.

Путин на крајот на февруари во обраќањето кон нацијата рече дека Западна Русија мора да биде соодветно заштитена по проширувањето на НАТО со Шведска и Финска, додавајќи дека силите на НАТО подготвуваат напад на руска територија, користејќи ги, како што рече, најефикасните сили за тоа.

Коментирајќи ја изјавата на францускиот премиер Емануел Макрон дека земјите кои обезбедуваат помош за Украина не треба да ја исклучат можноста да испратат свои војници во Украина, Путин рече дека последиците за оние што ќе пристигнат на фронтот, како што вели, можат да бидат трагични.

„Зборуваат дека Русија планира да ја нападне Европа, а ние самите знаеме дека тоа е глупост. Веќе зборуваат и за испраќање војници во Украина. Треба да знаат дека Русија има оружје што може да уништи цели и на нивните територии. Треба да бидат свесни дека таквите акции предизвикуваат нуклеарен конфликт. Изгледа дека не се свесни оти такво нешто може да доведе до крај на човештвото. За нив сето тоа е како во цртаните филмови“,

рече Путин.

Според официјален Вашингтон, нема големи промени во нуклеарната позиција на Русија, но јавните нуклеарни предупредувања на Путин, сепак предизвикаа загриженост во САД.

Во изборната година во САД, Западот се бори со тоа како да го поддржи Киев против Русија, која сега контролира речиси една петтина од украинската територија и повторно се вооружува многу побрзо од Западот и Украина.
Киев, пак, вели дека се брани од освојувачка војна во империјалистички стил, дизајнирана да го избрише неговиот национален идентитет.
Русија, пак, смета областите што сега ги контролира во Украина се дел од руска територија.

Си-ен-ен пред неколку дена објави дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден била конкретно загрижена во 2022 година дека Русија би можела да употреби тактичко или нуклеарно оружје на бојното поле во Украина.

Директорот на американската Централна разузнавачка агенција Вилијам Барнс, пак, предупреди дека доколку Западот не обезбеди соодветна поддршка за Украина, Киев ќе изгуби повеќе територии, што ќе го охрабри кинескиот претседател Си Ѓинпинг.

Барнс, поранешен амбасадор на САД во Русија, му рече на Комитетот за разузнавање на Сенатот дека е во интерес на САД да ја поддржат Украина за да и се дозволи да дојде во посилна позиција.

Пронајдете не на следниве мрежи: