Аларм од ФАО: Цените на храната повторно растат

Светските цени на храната продолжија да растат и во април, бележејќи трет последователен месечен пораст, покажува најновиот извештај на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО). Како главни причини се наведуваат повисоките трошоци за енергија и нарушувањата на глобалните пазари поврзани со конфликтот на Блискиот Исток.

Според податоците на ФАО, индексот на цените на храната во април во просек достигнал 130,7 поени, што претставува раст од 1,6 проценти во споредба со ревидираното мартовско ниво. Во однос на истиот период минатата година, индексот е повисок за 2 проценти.

Пораст е регистриран и кај цените на житарките. Индексот на цените на житарките на ФАО во април се зголемил за 0,8 проценти во однос на март.

Дополнителен притисок врз цените создаваат и очекувањата за намалување на површините засадени со пченица во 2026 година. Според извештајот, дел од земјоделците се пренасочуваат кон култури што бараат помалку ѓубрива, поради високите трошоци за нивно производство и набавка.

ФАО наведува дека цените на ѓубривата се зголемиле како резултат на поскапувањето на енергијата, но и поради нарушувањата предизвикани од затворањето на Ормуската Теснина.

Значителен раст е забележан и кај растителните масла. Индексот на цените на растителното масло на ФАО пораснал за 5,9 проценти во споредба со март, достигнувајќи го највисокото ниво од јули 2022 година.

Пронајдете не на следниве мрежи: