Александар Јовановски ја презеде функцијата градоначалник на Кичево: Тоа не е привилегија, туку обврска кон граѓаните

Со тон на благодарност и одговорност, новоизбраниот градоначалник на Општина Кичево, д-р Александар Јовановски, денес официјално ја презеде функцијата од својот претходник, Фатмир Дехари. Во својот говор по преземањето на функцијата, Јовановски нагласи дека функцијата градоначалник не е привилегија, туку голема обврска кон граѓаните на Кичево.

„Со голема чест и чувство на одговорност, денес, 10 ноември 2025 година, ја преземам функцијата градоначалник на нашиот град Кичево. Не ја гледам оваа задача како привилегија, туку како обврска, обврска пред вас, граѓаните, да работам посветено, транспарентно и во интерес на сите“, изјави Јовановски.

Тој искрено му се заблагодари на поранешниот градоначалник Фатмир Дехари за неговата долгогодишна посветеност и придонес во развојот на градот, нагласувајќи дека почитувањето на минатото е основа за секој напредок, додека соработката и континуитетот се клучот за идниот успех.

Во својата порака, Јовановски истакна дека Кичево има голем потенцијал и вредни луѓе, изразувајќи ја својата решеност да изгради отворена, инклузивна и фер локална самоуправа за сите граѓани, без оглед на етничката, политичката или религиозната припадност.

„Мојата цел е да изградам локална самоуправа која ќе биде блиска до граѓаните, отворена за идеи и решенија и која ќе ги слуша сите. Верувам дека со заедничка работа, искрен дијалог и посветеност ќе создадеме поубав, пофер и поуспешен град за сите нас и за идните генерации.“

На крајот, новиот градоначалник на Кичево вети дека нема да има поделби меѓу граѓаните, завршувајќи го својот говор со повикот: „Да одиме напред – заедно! За мене нема поделби. Нѐ води една единствена цел – достоинствен живот за сите.“
The post Александар Јовановски ја презеде функцијата градоначалник на Кичево: Тоа не е привилегија, туку обврска кон граѓаните appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: