Градежните активности за изградба на болници во Штип, Тетово и Кичево ќе започнат до крајот на оваа година или најдоцна до почетокот на следната година, најави денес министерот за здравство, Азир Алиу. Административните процедури, кои претходат на градежните активности, ќе започнат веднаш по потпишувањето на договорот.
„Веќе објавивме 205 милиони евра, тие се за Штип, Тетово и Кичево. Тоа не се буџетски средства, туку ќе бидат средства од владино-владиниот договор со Британците. Сè уште не сум го потпишал договорот. Чекавме да завршат изборите, а потоа да се потпише договорот и тие да бидат дел од таа инфраструктура. Рековме дека ќе започнеме со инвестиции во инфраструктура, а првиот чекор се овие три клиники. Ќе започнат и Штип, Тетово и Кичево. Административните процедури ќе започнат веднаш, а инфраструктурата, најверојатно, кон крајот на годината или на почетокот на следната година“, рече министерот Алиу.
Болницата во Кичево ќе се реконструира бидејќи постојниот објект, вели министерот Алиу, не ги исполнува основните инфраструктурни услови за да биде институција што ќе обезбедува здравствени услуги не само за Кичево, туку и за целиот регион.
На 26 јуни годинава, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Азир Алиу објавија стратешки договор со Обединетото Кралство за реконструкција и изградба на болници во Штип, Тетово и Кичево.
Проектот предвидува завршување на клиничката болница во Штип, изградба на медицински факултет и студентски дом со 200 кревети, изградба на целосно нова болница во Кичево и целосна реконструкција и опремување на постојната болница во Тетово.
The post Алиу: Со 205 милиони евра од Британија ќе се градат болници во Тетово, Кичево и Штип appeared first on Во Центар.
Пронајдете не на следниве мрежи:



