Голем протест во Скопје во поддршка на поранешните водачи на ОВК од Косово – Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими ќе организира лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Протестот во Скопје ќе биде продолжение на протестите што претходно се одржаа во Приштина, Тирана и Стразбур, каде што ветерани на ОВК, како и граѓани, изразија масовна поддршка за поранешните водачи на ОВК, на кои им суди Хашкиот трибунал.
За организирање на протестот во Скопје, Ахмети се координираше и со организацијата на ветерани на ОВК од Косово.
„Градоначалникот Ахмети, во својство на еден од основачите на ОВК на Косово и на ОВК во Македонија, ќе организира голем протест со ветераните на ОВК во Скопјe во првата половина на декември. Протестот ќе се одржи на плоштадот Скендербег. На протестот, насловен како „Правда за ослободителите“, се очекува да присуствуваат ветерани на ОВК, како и граѓани во поддршка на поранешните водачи на ОВК кои се невини, а очекувањата се дека ќе бидат ослободени од обвиненијата. Впрочем, и поранешниот американски генерал Весли Кларк сведочеше во одбрана на поранешните водачи на ОВК “, изјавија од ДУИ за „Слободен печат“.
Покрај Ахмети, во организирањето на протестот во Скопје се очекува да учествуваат и Здружението на ветерани на ОВК, предводено од Фазли Велиу, и Здружението на воени ветерани на ОВК на Бесим Хода. Хода за „Слободен печат“ изјави дека ќе учествува на протестот во Скопје, а доколку биде побаран, и тој ќе биде дел од организацијата.
„Сите здруженија ќе протестираат за мирна и фер поддршка на лидерите на кои сега им се суди во Хаг. Секој што мисли дека е неправедно суден, а јас мислам дека е, е добредојден“, вели Хода .
Најавата за протестот во Скопје дојде од Косово, по средбата на Ахмети со претставници на Организацијата на косовските воени ветерани.
The post Али Ахмети ќе организира протест во Скопје во декември во поддршка на водачите на ОВК appeared first on Во Центар.



