Амбасадорот на САД во Кина предупредува на растечката доминација на Пекинг: „Тоа не е здраво за остатокот од светот“

Високиот американски претставник во Кина во четвртокот повика на фер и реципрочна трговија меѓу двете најголеми економии во светот и изрази загриженост во врска со проекциите дека доминацијата на Кина во глобалното производство ќе расте дополнително во наредните години.

Американскиот амбасадор Дејвид Пердју им рече на бизнисмените и официјалните лица во Пекинг дека Кина заслужува честитки што станала производствена сила, но ги повтори стравувањата од Европа и други делови од светот дека кинескиот извоз ги загрозува фабриките и работните места во други земји.

„Не е здраво за остатокот од светот“, рече тој во говорот на годишната вечера на Американската стопанска комора во Кина.

Пердју беше назначен од американскиот претседател Доналд Трамп, кој воведе царини за увоз од Кина и голем број други земји во обид да ја реиндустријализира земјата и да го зголеми бројот на работни места во американските фабрики.

Кина одговори со царини за американскиот увоз. Следеше спирала од реципрочни мерки во кои царините нагло се зголемија, пред двете страни да се согласат на серија примирја во траење од 90 дена.

Кон крајот на октомври, двете земји се согласија на едногодишна пауза кога Трамп и кинескиот лидер Си Џинпинг се сретнаа во Јужна Кореја на собирот на азиско-пацифичките земји.

„Тие беа во можност да создадат простор што ни беше потребен за да поминеме низ многу тешки, комплицирани проблеми“, рече Пердју.

Тој изјави дека Кина со години ги користи придобивките од слободната трговија со остатокот од светот, додека американските компании се соочуваат со голем број пречки за влез на кинескиот пазар.

„Америка не бара трговска војна, туку бараме фер, слободна и реципрочна трговија“, нагласи тој.

Пердју рече дека се прават подготовки за посетата на Трамп на Кина во 2026 година и дека се очекува Си да ги посети Соединетите Држави оваа година. Трамп претходно изјави дека ќе дојде во Кина во април, но ниедна влада сè уште не го потврдила точниот датум.
The post Амбасадорот на САД во Кина предупредува на растечката доминација на Пекинг: „Тоа не е здраво за остатокот од светот“ appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: