Американските и европските банки остварија рекордна добивка во 2025 година

Судејќи според првите најави, речиси сите големи банки во Европа и САД остварија поголема нето добивка во 2025 година отколку во 2024 година, што исто така, за многумина, беше рекорд.

Големите американски и европски банки остварија милијарди долари и евра нето добивка, што е доказ дека 2025 година беше многу успешна за финансискиот сектор.

Најголемите американски банки, секако, остваруваат поголем профит од големите европски банки, поради обемот на работење и трансакции. На пример, кога ќе се собере нето добивката на шесте најголеми американски банки, што ја постигнаа заедно во последната година, се добива импресивна сума од околу 157 милијарди долари нето добивка.

Во исто време, колективната нето добивка на шест големи европски банки покажува значително помал износ – вкупната нето добивка е 53,7 милијарди евра.

Според податоците официјално објавени од американските банки за работењето во финансиската 2025 година, најголем профит остварила банката JPMorgan Chase, која пријавила нето добивка од 57 милијарди долари за целата 2025 година, што е малку повеќе од нето добивката остварена во 2024 година.

На второ место по нето добивка генерирана во 2025 година е „Банк оф Америка“, која пријави нето добивка за целата 2025 година од 30,5 милијарди долари. Ова е за 19 проценти повеќе од претходната година.

Третото место меѓу американските банки го зазема „Велс Фарго“ со нето добивка од 21,3 милијарди долари за 2025 година. Таа банка со седиште во Сан Франциско е диверзифицирана мултинационална компанија која работи во банкарството, а исто така обезбедува и хипотекарни кредити, опслужувајќи над 70 милиони клиенти.

На четвртото место по нето добивка во 2025 година е Голдман Сакс – финансиска институција која пријави нето добивка од 17,18 милијарди долари во 2025 година.

„Морган Стенли“ се рангираше на петтото место со нето добивка од 16,9 милијарди долари во 2025 година, што е за околу 2 милијарди долари повеќе од претходната година.

На шестото место меѓу американските банки по износот на нето добивка остварена во 2025 година е Ситибанк, која оствари нето добивка од 14,3 милијарди долари.

Како и американските, најголемите европски банки имаа многу успешна 2025 година. Европските банки остварија рекордна нето добивка во 2025 година, поголема во споредба со претходната година. Сепак, вкупните суми се значително помали од оние што ги остварија американските банки, објавува Bankar.me.

На прво место по нето добивка во 2025 година е француската група BNP Paribas со нето заработка од околу 12,2 милијарди евра (проценка, се чекаат конечните биланси).

На второ место е „УниКредит Груп“, која оствари нето добивка од околу 10,5 милијарди евра (проценка) во 2025 година.

Третото место по нето добивка го зазеде банкарската група „Интеса Санпаоло“, која оствари нето добивка од 9,3 милијарди евра во 2025 година (конечни податоци).

На четвртото место е „Кредит Агрикол“, чија нето добивка изнесува околу осум милијарди евра, а на петтото место е „Барклис банка“ со нето добивка од 7,7 милијарди евра.

Шестото место меѓу најголемите европски банки го зазема „Сосиете Женерал“, која оствари нето добивка од околу шест милијарди евра во 2025 година.

Судејќи според податоците на банките и финансиските институции што се објавуваат деновиве, бизнисот бил успешен за повеќето во 2025 година, што ќе постави нови високи цели за бизнисот во оваа и следните години.
The post Американските и европските банки остварија рекордна добивка во 2025 година appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: