Откако Соединетите Американски Држави (САД) објавија „економски Ден Д“ и започнување на најголемата финансиска офанзива против Иран досега, властите во Техеран соопштија дека се целосно подготвени за американските санкции и дека имаат двегодишен план за борба против новите ограничувања.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент најави целоснаблокада на економските врски со Иран, предупредувајќи дека секоја земја што финансиски соработува со Техеран ќе биде изолирана.
Како одговор, иранскиот министер за економија, Али Маданизаде, за државната телевизија изјави дека Иран „долго време чека на овие планови“ и дека тие ќе резултираат со уште еден пораз за Вашингтон.
„Владата беше и е подготвена. Имаме двегодишен план за управување со овие настани. Имаме свои алатки и знаеме како да ја играме оваа игра“, нагласи Маданизадех.
На неодамнешната прес-конференција, секретарот за финансии на САД претстави операција наречена „Економски отпадник“.
Бесент нагласи дека САД започнуваат директен напад врз финансиските врски на Иран низ целиот свет и дека Америка „веќе не ја управува иранската закана, туку ја завршува“.
Министерството за финансии на САД издаде пресуди против пет клучни ирански сектори, меѓу кои се дигиталните средства, технолошкиот сектор, трговијата со злато, авијацијата и превозот.
Покрај тоа, беа санкционирани речиси 60 субјекти, поединци и бродови.
Целта, според Бесент, е да се „стегне јамката“ и да се блокираат сите потенцијални извори на приход за Иранската револуционерна гарда.
Сепак, Иран се потпира на поддршката од сојузниците. Маданизаде истакна дека Кина и Русија не ги прифатиле американските мерки. Кинеското Министерство за надворешни работи веќе објави дека санкциите и притисокот не помагаат и дека Пекинг ќе ги заштити своите интереси.
Како одговор на заканите од САД, Техеран издаде строго предупредување – ако притисокот продолжи, ќе го запре целиот извоз на нафта од регионот. Иранскиот режим веќе ги предупреди бродовите да не минуваат низ Ормутскиот теснец без дозвола.
Една петтина од светската нафта и гас обично поминува низ овој тесен воден пат јужно од Иран. Неговата блокада од крајот на февруари веќе доведе до зголемување на глобалните цени на нафтата.
И покрај острата реторика од Вашингтон, економските експерти изразуваат сомнежи во ефикасноста на новите санкции. Дејвид Оксли, главен економист за клима и стоки во „Капитал економикс“, ги опиша мерките како „влажна петарда“.
„Со оглед на тоа што обновената американска поморска блокада веќе го задушува извозот на нафта на Иран, директното влијание на „економскиот ден Д“ врз иранските приходи ќе биде донекаде благ“, смета Оксли, потсетувајќи дека околу 90% од иранската нафта оди во Кина – земја која историски не ги признава американските санкции.
The post Америка го започнува „економскиот ден Д“: Иран тврди дека е подготвен, се заканува дека целосно ќе го блокира извозот на нафта appeared first on Во Центар.



