АНГЕЛОВ МУ СЕ ОБРАТИ НА СВОЈОТ ШКОЛСКИ ДРУГАР НАЌЕ ЧУЛЕВ – ТЕХНИЧКИОТ МИНИСТЕР ЗА ВНАТРЕШНИ

Фејсбук статус на генерал Стојанче Ангелов
Како прво со сигурност можам да кажам дека мојот школски другар Наќе Чулев е исклучително чесен и позитивен човек. Како второ, неспорно е дека има и одлично образование. За тоа делумно можам да посведочам и јас бидејки во далечната 1991 година заедно ги започнавме студиите на Факултетот за безбедност. Распадот на Југославија и осамостојувањето на Македонија ги поминавме заедно учејќи од тогаш најдобрите разузнавачи, криминалисти, криминолози, кривичари, социолози и психолози. Понатаму Наќе заврши уште еден куп школи од разузнавачко-безбедносната област, но воедно стекна и еден куп респектабилно професионално искуство во Агенцијата за разузнавање. А со разузнавачи нема шала. Тоа е една посебна школа која откако ќе се научи никогаш не се заборава, а еднаш стекнатите конекции тешко или никогаш не се прекинуваат.
Барем кај нас, припадниците на безбедносно-разузнавачкиот систем, владее едно непишано правило дека од 1945 година наваму секој еден припадник на разузнавачките или контраразузнавачките служби бил, а некои сеуште се, под помало или поголемо, директно или индиректно влијание на Белград. Немоќта за целосно отргање од канџите на некогаш најмоќната југословенска служба за државна безбедност народот низ годините ја преточил во максимата „УДБА наша судба“.
Вториот момент поврзан со мојот школски другар Наќе Чулев кој ми внесува дополнителен немир е непобитниот факт дека од 2006 до 2016 година беше невозможно некој да биде именуван на висока разузнавачка или контраразузнавачка позиција без благослов на Сашо Мијалков кој патем го служел воениот рок во титовата гарда на ЈНА, единица во која можеле да влезат само избраните, војници лојални на тогашниот систем и служби.
Се надевам, му посакувам и му сугерирам на мојот школски другар, извонредно образованиот и искусен разузнавач и пред се чесен човек Наќе Чулев, како технички министер за внатрешни работи да се одметне од првото, денес повеќе фолклорно УДБА влијание, но посебно од второто, денес сеуште реално, политичко влијание.
Воедно, се надевам, му посакувам и му сугерирам како технички министер за внатрешни работи прво да се погрижи за државните, а дури потоа за партиските интереси бидејќи и двајцата добро знаеме дека Македонија ни е се што имаме.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.