Андонов до Мицкоски: Најголем проблем си ти Христијан, и твоето полтронско опкружување

„Како човек да нѐ напише една најобична, тривијална колумна за нашето бедно секојдневие во политикантскиот жабокрек на македонската политичка сцена?

Нема спас, колку и да се обидувам да напишам една безвремена колумна, не оди. Не оди пустата, а како и да оди кога низ главата постојано ми се плеткаат безброј прашања кои како Стерна навираат особено за стратешките политики на нашата божем опозиција, насликана во ликот и неделото на Мицкоски и клиентелистичкото раководство на ВМРО-ДПМНЕ“, пишува Оливер Андонов во неговата колумна со наслов „Од протести до одмори и потоа…“.

Во колумната Андонов вели:

Онаа несреќа од СДС-криминално, заедно со партнерот му ДУИ, постојано не занимаваат со сказни, контроверзни прослави и „страшни“ политичко-судски-обвинителски заплети и драми како на мизантропска сцена за дане ја гледаме главната претстава. И се така до недоглед, а никако да се сетат да прашаат, не пак да покренат постапка за потеклото на имотот на некои лица кои во правосилни пресуди спогодбено покажаа – вратија баснословни суми и отидоа на летување во Струга да „издржуваат“ затворски казни.

Но, драги мои јасно ни е како стои работата со оваа власт која во нормални политички услови одамна не ќе беше власт, а не пак секунда повеќе. Секако во нормални услови, а тоа подразбира нели нормална, посветена и подготвена опозиција (читај ВМРО-ДПМНЕ, оној кловн од Левица е голема измама) со стратегија за рушење на владата на Ковачевски, односно предизвикување на предвремени парламентарни избори.

За наша жал, ВМРО-ДПМНЕ, односно Мицкоски и неговото полтронско раководство немаат стратегија, а и не би нешто да работат сериозно туку, ај да правиме нешто за да правиме, па и лето е треба да се одмара малку по напорните протести.

Токму затоа и таков наслов има оваа колумна. Завршија протестите, односно се издува народецот наш напатен, безидејно и напразно се протестираше цели петнаесет дена. Единствено што се постигна беше уште едно разочарување на граѓаните и издишување на негативната енергија за да му се даде простор на Ковачевски да преживее и секако, се доби анкетата на ИПСОС од почетокот на Јули со која рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ порасна двојно во однос на СДС. Откако сѐ постигна ПР целта, сѐ издиша негативната енергија, сѐ прошетавме на Мечкин камен секој со својата свита и галамџии, во Ташмаруништа на селски собор и во Св.Прохор Пчињски (не знам зошто) да се одмориме кој каде може и за колку може. Да се одмориме до крајот на Август. Потоа? Е потоа…, тоа потоа го најави Мицкоски веднаш откако се врати од заслужениот колку можеше, одмор.

И сега ќе се запрашате, во што е проблемот или на кои прашања се фокусира истиот? Од каде да започнам да набројувам.

Проблемот е во Мицкоски и неговото неспособно и клиентелистичко раководство, бидејќи немаат јасна стратегија, идеолошка и политичка мисла, аналогно на тоа ниту став.

Проблемот е во компромитираноста на Мицкоски поради што е лесен за манипулација, а самиот тој е манипулатор во однос на членството на ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните.

Проблемот е во немањето храброст кај Мицкоски и Николоски најотворено и конзистентно да стојат на кохерентен став по клучните национални прашања туку имаат еден одговор за пред граѓаните и партиските членови, а друг за пред партнерите и сојузниците и трет најчесто двосмислен пред медиумите.

Проблемот е во тоа што Мицкоски се занимава со работата на градоначалниците (за мотивите нема да зборувам, заклучете сами) и отвора паркови, детски игралишта и селски чешми, а не се занимава со стратешки политики.

Проблемот е во тоа што има именувано петнаесетина таканаречени „стратешки соработници“ во разни области, а на никого од нив му нема дадено никакви насоки во врска со стратешката политика на ВМРО-ДПМНЕ, а не пак од истите да бара конкретни резултати или мислења.

Проблемот е во тоа што освен желбата за божем доаѓање на власт Мицкоски не сака ниту да дојде на власт. Да сакаше да дојде на власт ќе ја урнеше владата на Заев уште лани во Ноември и немаше на Талат да му го предаде целиот список од 61 пратеник за рушење на владата.

Проблемот е во тоа што на Мицкоски му одговара комотната позиција на божем опозиција. Паријата има приходи, пари, имот, службени коли и обезбедување, приватно си функционира како партијата да му семејно наследство и зошто да менува кога му е добро.

Проблемот е во луѓето кои Мицкоски ги доведе на партиски позиции, а се со негативни општествени референци и професионален back ground.

Проблемот е во замирањето на партиската инфраструктура која беше развиена и организирана, а денес ја нема на ниво на Местни комитети (за КИМ-ови и не зборуваме). Тоа е резултат на некадарната внатрепартиска политика и способноста на Мицкоски за управување со партиската структура. Согласно тоа запрашајте се како овој лик би управувал со владата и државните институции на Македонија и секако со кој кадар?

Проблемот е во тоа што нашите стратешки партнери не му веруваат на Мицкоски, токму поради видливите политики кои ги спроведува.

Проблемот е и во тоа што

ВМРО-ДПМНЕ не е дел од ниту еден процес кои се одвива во Македонија, а со тоа не е фактор кој влијае врз политичките случувања во државата.

Проблемот е и во тоа што ВМРО-ДПМНЕ како десна национална политичка партија е во формален-неформален сојуз – коалиција со Левица на Апасиев. Потполно неприродно нешто, но и на исклучителна штета на ВМРО-ДПМНЕ.

Проблем е и тоа што Мицкоски од партиска каса плаќа разни таканаречени новинари или медиуми, сподоби преку кои низ социјалните мрежи војува со своите внатрепартиски неистомисленици. Едноставно со наши партиски пари си ја плаќа заштитата на сопствената неспособност и опстанок на местото претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Проблем е и референдумот кој никогаш нема да се одржи и самиот Мицкоски ќе гледа да го заборави и да смисли некое добро оправдание зошто не се реализира неговата „грамадна“ политичка идеја. Идеја изнесена во јавноста само и само да се каже нешто, а дали тоа подоцна политички и прагматично ќе претставува товар за ВМРО-ДПМНЕ не е важно. Важно Мицкоски во моментот го помина мостот па за понатаму ќе видиме или ќе заборавиме.

Сепак најголем проблем и прашање на кое треба да се даде одговор во ВМРО-ДПМНЕ е Мицкоски. За него пак и неговото раководство, проблем од кои ќе им зависи политичкото преживување се уставните промени за кои нели кажа дека „цврсто кано клисурине“ стои и гарантира дека нема да се случат. Или не кажа така? Нешто да не е јанлаш или не разбравме добро? Затоа што сега вели дека ќе си заминел од политиката доколку некој од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласа за уставните измени против кој јавно ја втемели политиката на ВМРО-ДПМНЕ според „да се биде или не“.

Мислам дека нема да го биде и многу сум убеден во тоа, затоа сум загрижен за партијата не за него. Туку имам едно прашање до Мицкоски, а во контекст на неговото „заминување“ од политиката: „Кога тоа ти Мицкоски си бил воопшто во политиката“? Не може да се замине од таму од каде што никогаш не си бил, односно не си и ништо не си разбирал за што говорат резултатите кои ги постигна последниве пет години.

За да бидат работите појасни, околу можното сценарио кое го смислил Мицкоски за да преживее политички барем уште малку, треба да ни биде јасно дека покрај разно-разните негови „соработници“ кои го продаваат на политичкиот пазар за да самите тие останат во живот, и самиот тој од лукративни побуди се нуди на продажба но кај СДС. Сигурно дека ова му одговара на СДС, бидејќи доколку Мицкоски остане на чело на ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски има загарантиран успех на изборите 2024 година.

Од тука сценариото кое веројатно ќе ни го приреди и веќе му е испробан метод ќе биде да по гласањето на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ за уставните промени Мицкоски формално поднесе оставка до Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Потоа ќе го примени веќе познатиот модел членовите на ЦК „во негово отсуство“, со најмалку две третини да не ја прифатат неговата оставка. Нели без него живот ни нема (или им нема, така некако ќе да е), па ете така мора да остане да ја води партијата до избори 2024 година и покрај клетите предавници од редовите на партијата, поради кои Мицкоски и во 2024-та ќе изгуби. На истата седница ќе ги исклучат од партија тие пратеници и тука ќе заврши претставата. И волкот сит и овците на број според математиката на Мицкоски, односно и тој морално испран преку оставката и неговите полтрони мирно ќе чекаат да му паднат мудата на овенот 2024 година. За партијата и членството, ма кому му е грижа, и така за година и половина и малку повеќе до избори ќе се заборави оваа епизода. Затоа Мицкоски вели дека ќе си замине од политиката во која никогаш и не бил. Не вели мајчиниот дека ќе си замине од местото претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Всушност тоа е она „потоа“ по протестите и одморите што го смислил, а претставува супститут за „идејата“ со референдумот. Многу неинвентивно, токму за дводимензионално гледање на работите од негова гледна точка. Сега сите треба да се фатат на ова и да се занимаваат додека ја гледаат ролјата која Мицкоски ја игра во театарската претстава на веројатно пред последниот чин на драмата која се одвива во ВМРО-ДПМНЕ.

Оттука, во контекст на проблемите на кои треба да се одговори како на прашања за опстанок на партијата. Најголем проблем си ти Христијан, и твоето полтронско опкружување, а тој проблем го рефлектираш врз сите нас и врз Македонија.

Има решение и истото е едноставно: „Мицкоски дај си оставка од функцијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ уште денес, немој да ни го губиш времето и да не замајуваш божем си во политиката“. Ти си само не статутарно избран претседател на ВМРО-ДПМНЕ и од тоа место треба уште завчера да бидеш заминат.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.