Во просториите на Даут пашини амам, дел од Националната галерија на Македонија, вчера имаше отварање на ретроспективна изложба на Анета Светиева, која е една од водечките македонски современи уметници. На настанот присуствуваа многубројни гости, вклучително и претседателката Гордана Силјановска Давкова, додека воведниот говор го одржа државната секретарка од Министерството за култура и туризам, Марија С. Ѓоргова. Ѓоргова истакна колку е голема чест да се биде дел од изложбата на Анета Светиева, уметничка со извонредно влијание во македонското современо творештво. Опишувајќи ја како повеќе од скулпторка, таа нагласи дека Светиева е историчар на времето и чувар на богатото културно наследство кое ја дефинира нашата нација. Нејзината креативна кариера започна во шеесеттите години, но нејзините дела продолжуваат да инспирираат со својата оригиналност и длабочина. Верна на сопствениот уметнички импулс, Анета создава сопствени правци, фарбајќи ги своите творби со приказни за нашето потекло, традиции и митологија, не како сентиш, туку како модерна комуникација, истакна Ѓоргова.
Анета Светиева се претстави на некои од најпрестижните меѓународни сцени, како што е Венецијанското биенале, каде што нејзиниот оригинален и длабоко хуман уметнички израз доби признание. Дополнително, на изложбата беше претставена и монографија преку која Викторија Васева-Димеска ги обедини делата на Светиева, за да увековечи и пренесе ова значајно наследство на идните генерации. Изложбата ќе биде отворена до 31 август.
The post Анета Светиева: Раскажувач преку форма и чувар на културните слоеви appeared first on 365.mk.


