По повод Денот на трудот, Први мај, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) испраќа апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите – ВОЗЕТЕ ОДГОВОРНО. Со доаѓањето на овој празник очекуваме интензивен сообраќај на патишта кои водат кон туристички и излетнички дестинации. Затоа, ве потсетуваме: Избегнувајте возење под влијание на алкохол, бидејќи тоа ја намалува способноста за брза реакција и може да предизвика несреќи со сериозни последици. Важно е да бидете одморени зад воланот, бидејќи заморот може да биде подеднакво опасен како и алкохолот. Почитувајте ја ограничената брзина, прилагодувајќи ја според условите на патот, временските прилики и густината на сообраќајот. Сигурносниот појас е за задолжителна употреба, без разлика дали сте на предните или на задните седишта. Избегнувајте да го користите мобилниот телефон додека возите – вашиот фокус треба да биде исклучиво на патот. Планирајте ги патувањата однапред, проверете ја состојбата на патиштата, осигурајте се дека сте одморени и правете паузи ако патувате подолго време. Возачите на мотоцикли и мопеди и нивните сопатници мораат да носат сигурносна опрема како што е кацига. Почитувајте ги пешаците и велосипедистите како еднакви учесници во сообраќајот и запомнете – секоја загуба на живот во сообраќајот е ненадоместлива загуба. Да го прославиме празникот со почит кон животот и здравјето, бидејќи безбедноста во сообраќајот е одговорност на сите нас. РСБСП ви посакува среќни и безбедни првомајски празници.
The post Апел од РСБСП за одговорно однесување во сообраќајот за првомајските празници appeared first on 365.mk.


