Споменикот од пред комплексот судови го отстрани поранешниот градоначалник Петре Шилегов во февруари 2018 година.
Утрово Град Скопје со соопштение информира дека споменикот на Ќосето повторно е поставен.
„Со поставувањето на спомен обележјето во чест на македонскиот револуционер Андон Лазов Јанев – Ќосето, оддаваме признание за неговиот неуморен дух и саможртва во борбата за слободна и независна Македонија“, соопшти утрово Град Скопје.
Споменикот е поставен на кружниот тек кај хотелот „Континентал“, каде е изграден нов бетонски постамент, на кој е поставена скулптурата на Ќосето.
„Андон Лазов Ќосето, познат по својата борбеност и непокор, е симбол на македонската историја и еден од истакнатите учесници во Илинденското востание. Неговата улога во револуционерното движење е од непроценливо значење за денешната слобода и независност на нашата држава“, се наведува во соопштението од Град Скопје.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во 2023 година почна постапка да го врати споменикот на Андон Лазов-Ќосето кој беше поставен пред комплексот судови во Скопје. Таа бараше споменикот да биде поставен на нова локација кај хотелот „Континентал“ односно на крстосницата помеѓу булеварот Александар Македонски и булеварот Беласица, североисточно од кружниот тек.
„Се работи за исклучително важна историска личност и еден од најголемите македонски револуционери чиј споменик неправедно и шверцерски беше отстранет од претходното градско раководство. Нема да дозволиме споменикот на македонскиот револуционер да рѓосува по магацини, затоа апелираме час поскоро оваа точка да биде ставена на дневен ред во Советот на Град Скопје и веднаш да биде изгласана. Ова е уште еден начин да ја исправиме неправдата и да се оддолжиме на луѓето кои го дале својот живот за независна и суверена Република Македонија, да ги паметиме и чествуваме хероите од кои ниту еден не смее да биде заборавен“, напиша Арсовска на својот профил на Фејсбук во 2023 година.



