Астеруд: Шокирана сум и уплашена од авторитарните и тоталитарните матрици во и околу власта

Како што веќе соопштивме зад можната претседателска кандидатура од ВМРО-ДПМНЕ на професорката Гордана Силјановска-Давкова застанаа триесетина универзитетски професори. Според анализата на “Независен“ се чини најголемо изненадување е потписот на професорката Каролина Ристова-Астеруд, поранешна пратеничка и функционерка на СДСМ. Таа ги наведува трите причини за поддршката и охрабрувањето на Силјановска да се кандидира на претседателските избори:
“Прво, во оваа политичка клима и контекст во Македонија сметам дека не е умно, дури ми е загрижувачко и застрашувачки сите клучни политички институции да бидат доминирани од една политичка опција, владејачката, независно што тоа е мојата вообичаена политичка опција со која јавноста ме идентификува. Всушност ,ова е преседан и во моето лично политичко и граѓанско однесување бидејќи досега секогаш сум ги поддржувала чисто партиските претседателски номинации на СДСМ, со убеденост дека тоа е најдобро за земјата. Меѓутоа, сега, во овој момент и контекст, како граѓанка на Македонија, јас сум шокирана и уплашена од авторитарните и тоталитарните матрици кај многумина во и околу власта.
Од сето екстремизирано и отворено мразење на концептите на политичкиот плурализам и опозицијата, од презирот, релативизацијата и банализацијата на владеење на правото, а сето тоа обландирано со некаков синдром на ‘кога жртвата станува џелат’, како и со некакво фанатизирано чувство дека за наводни ‘исправни цели’, дури и со фанатизирана умисленост дека власта е единствено паметна да ги види, нема потреба да имаат какви било кочници и обѕири, дури ни најосновните што ги бара Уставот на земја која претендира да биде слободна и демократска. Тоа ме убедува дека е најдобро преку претседателската функција да вградиме барем една, но клучна кочница и рамнотежа во актуелното оперирање на политичката власт, инаку на сигурен пат сме да добиеме надградена копија на истото тоа што сум се борела против измината деценија.
Втората причина е што верувам дека токму Силјановска-Давкова е вистинската личност за тоа, мислење засновано на долги години непосредно познавање на нејзината независна и критична личност и работа. Со неа не сум се согласувала за многу работи, често сме биле и во концептуални или професионални конфликти, но во ниеден момент ме нема разочарано ниту уплашено со нејзината вредносна матрица. Можам дури да кажам дека е најблиска човечка персонификација на темелните вредности на нашиот Устав, засилено со знаење, интегритет и борбеност тоа да го штити.
Третата причина е секако фактот дека е жена и мислам дека е време да направиме историја и со прва жена – претседателка на Македонија, и токму во неа гледам граѓанка со силна граѓанска и феминистичка свест, секако комбинирано и со животна и професионална зрелост, мудрост, такт и изострено чувство на правичност и фер-плеј, а кои се нужни за честа и одговорноста да се биде избран на таква клучна државна функција“.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.