„Бараа да им носам кафе, ме прашуваа со кој сум била во кревет за да бидам тука каде што сум“: Првата жена на Европската централна банка – за сексизмот

Кристин Лагард, првата жена на чело на Европската централна банка изјавила дека се надева дека младите жени денес нема да мора да искусат сексизам, како таа претходно во својата кариера.
Лагард разговарала со Урсула вон дер Лајен, претседателката на Европската комисија во подкастот на „EЦБ“ по повод Меѓународниот ден на жените.
Навраќајќи се на својата рана кариера, Лагард изјавила дека клиент ѝ барал да му донесе кафе додека таа работела во адвокатска фирма со тим мажи, како единствената жена. Како одговор, Лагард му рекла: „Да, секако. Но, ти сам ќе си земеш кафе“, пренесува „Телеграф Бизнис“.
Како што истакнала таа, требало да поминат неколку минути за да му објасни дека таа не е секретарка во фирмата која што прави кафе, туку личност која што го води тимот за тој настан.
Лагард исто така се присетила на уште едно искуство од својата кариера, кога била министер за трговија на Франција.


„И, се сеќавам како појдов до говорницата во парламентот на која што мора да одговарате на прашања, а еден постар член во парламентот ме погледна и ми рече: Се прашувам со кој си била во кревет за да си тука каде што си сега“, изјавила Лагард.
„Потоа појдов кај него и му објаснив дека не мора да спијам со никој за да бидам тука каде што сум, а доколку сака да ја провери мојата компатибилност и вештини би бил и повеќе од добредојден да ми постави технички прашања на кои со задоволство би му одговорила“, додала таа.
Лагард изјавила дека се надева дека младите жени нема да имаат толку лоши искуства и дека никој нема да ги доведе во прашање нивната работа и компетенција. Покрај тоа што е прва претседателка на „ЕЦБ“, Лагард била и првата жена француски министер за финансии и прва директорка на Меѓународниот монетарен фонд.
Вон дер Лајен исто така има кариера со која испишала историја – била прва жена именувана за германски министер за одбрана и претседателка на Европската комисија.
Во подкастот, Вон дер Лајен изјавила дека двапати ѝ се случило да ја прашаат како може да води грижа за децата и да биде министер во влада. Таа раскажала дека додека работела како германска министерка за семејни прашања, модераторка на некоја емисија ја прашала: „Дали веќе избравте дали сакате да бидете лоша мајка или пак лош министер?“. Урсула тогаш изјавила дека била шокирана од тоа прашање и дека се надева дека ставовите оттогаш се смениле.
Признала дека на почеток од својата кариера чувствувала сомнеж, особено кога станувало збор за кариерата и семејството.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.