Бараме поголеми плати, ако не доаѓаме по вашите плати, порачаа работниците на протестот на ССМ

Попладнево пред Работничкиот дом во Скопје почна протестот во организација на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) на кој работниците го изразуваат своето незадоволство од висината на платите. Тие испратија барање за минимална плата од 600 евра и зголемување на сите други плати за сто евра.

На протестот може да се забележи присуство на голем број работници, но  има и припадници на полицијата.
За време на движењето низ скопските улици, учесниците на протестот постојано извикуваа: „Лопови, лопови“.

Со транспаренти во рака: „Бараме пристојна плата“, „Зголемување на сите плати“… работниците го искажаа својот револт од досегашното однесување на стопанствениците и на Владата. Во позадина одекнуваа звуците на Лева патика: „Сакам БМВ Алпина, но немам ни за Дрина…”, „Буѓав лебац“, но и „Интернационалата“.
Минималната плата, е 24.379 денари (397 евра), што е 2,6 пати помалку од потрошувачката кошничка за јануари „тешка“ 66.413 денари, покажуваат пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
За споредба пред две години на едно четиричлено семејство му беа потребни над 57 илјади денари месечно. Во јануари годинава кошничката изнесува 66. 413 денари. Ова значи дека за две години трошоците во оваа кошничка се зголемила за над 9.200 денари. За истиот период минималната плата според анализите пораснала за нешто над 4.000 денари.
Протестот потоа продолжи пред Собранието, од каде што претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов најави дека ќе поднесат закон за намалување на платите на функционерите, а за зголемување на тие на работниците.
„Ако не се зголеми минималната плата, доаѓаме по вашите плати“,порача тој.
Посочи и дека функционерските плати се од даноците што ги плаќаат работниците.
Протестот  продолжи пред Владата, од каде што работниците  ги повторија своите барања.
Протестот наиде на поддршка од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) и Левица. Премиерот Христијан Мицкоски посочи дека овој протест има политичка заднина.

Пронајдете не на следниве мрежи: