Благодарение на љубезните гестови на непознати луѓе може да се чувствувате повеќе сакано отколку во романтична врска

Луѓето кои секојдневно чувствуваат љубов се поздрави, посреќни и посигурни во себе. Таа љубов не мора да биде романтична, доволни се секојдневни мали гестови на странци, на колеги и на пријатели кои можат да бидат помоќни и од романтична љубов.
Благодарение на љубезните гестови на непознати луѓе може да се чувствувате повеќе сакано отколку во романтична врска
Неочекувани, но пријатни гестови
Според истражувањето направено во Медицинскиот центар во Пенсилванија, овде спаѓаат гестови како прашањето како се чувствувате, помош при носење на тешки торби, праќање пораки за поддршка и сл. Бидејќи најчесто овие гестови се неочекувани, може да се случат во кое било време и да доаѓаат од различни луѓе, тие имаат посилен ефект врз вашата благосостојба отколку љубовта што ја добивате од само еден канал и од една личност.


„Секојдневното чувство на љубов е концептуално многу пошироко од романтичната љубов. Станува збор за мали моменти во животот кога чувствувате дека сте поврзани со некого. На пример, разговарате со соседот и тој изразува загриженост за вашето здравје и во таква ситуација можете да се поврзете со него и тоа чувство да го доживеете како чувство на љубов, што може да има корисен ефект врз вашата општа состојба“ – изјавил член на истражувачкиот тим.
Сè е подобро како што одминува денот
За добиените резултати што биле објавени во публикацијата „Личноста и индивидуалните разлики“, истражувачкиот тим направил две истражувања за да открие како се менуваат човечките емоции во текот на денот. Во првото истражување, тие работеле со група од 52 лица на различна возраст во период од еден месец, а во второто истражување работеле со 160 студенти во период од осум недели. На испитаниците им праќале пораки шест пати на ден на случајни интервали и ги прашувале за нивните достигнувања, за важни моменти, за расположението итн. Повремено ги прашувале и колку сакано се чувствуваат во тој момент, а испитаниците можеле да бираат одговори на скалата од „воопшто не“ до „исклучително силно“.


Фокусирани на позитивното
Како што одминувал денот, кај повеќето учесници во истражувањето се зголемувало чувството на љубов и по одредени гестови изјавувале дека се чувствуваат повеќе сакано, без разлика дали биле во љубовна врска или не. Сепак, научниот тим не успеал да најде директна поврзаност помеѓу љубезните гестови и чувството на љубов. Но, д-р Оравец вели дека овие откритија може да ја отворат вратата за нови техники во менталното здравје, како што е случајното испраќање пораки за поддршка во текот на денот.
„Ова е нешто умствено – кога луѓето ќе се фокусираат на позитивното, нивната целосна свест за позитивното почнува да расте. Исто така, со посветувањето внимание на малите моменти во текот на денот во кои чувствуваме дека сме сакани можеме да ја подигнеме свеста за сите позитивни аспекти на љубовта во нашите секојдневни животи“ – изјавил д-р Оравец.
Овој аспект бил применет во двете истражувања, посочувајќи дека зголемената свесност за секојдневното чувство на љубов може да направи да се чувствувате сакани на подолг период.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.