Боки 13 денес ќе даде исказ пред Русковска

Бојан Јовановски-Боки 13, првоосомничениот во случајот „Рекет“ денеска за првпат ќе даде исказ пред обвинителката Вилма Русковска. Во овој случај осомничени се и Зоран Милевски – Кичеец, кој веќе даде исказ и од 24 септември е во домашен притвор, и Катица Јанева која се очекува неделава да даде исказ.
Минатата недела Апелацискиот суд не го прифати барањето на Јовановски за прекин на притворот затоа што истрагата е завршена и неговата здравствена состојба е лоша. Судот оцени дека тој сè уште е во опасност да избега и да го повтори кривичното дело за кое е осомничен.
Истрагата за овој случај е веќе завршена.


Апелацискиот суд не го прифати и барањето на Јанева за домашен притвор заради ризик од бегство.
Тројцата осомничени, според истрагата, изнудиле 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев, за да добие подобар третман во истрагата за аферата „Империја“ од Специјалното јавно обвинителство. На чело на СЈО четири години беше Катица Јанева.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција истрагата за овој случај ја почна на 5 јули, по што најпрво Јовановски и Милевски беа уапсени и приведени. Јанева беше задржана во притворскиот центар во Скопје во Шуто Оризари на 21 август.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.