Светската здравствена организација (СЗО) денес ја зголеми проценката на ризикот од ширење на сојот на ебола Бундибуџо во Демократска Република Конго на „многу висока“ на национално ниво, бидејќи бројот на заразени и смртни случаи продолжува да расте.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, денес изјави дека ризикот е оценет како „многу висок“ во Конго, „висок“ регионално и „низок“ глобално.
Сојот Бундибухо, за кој не постои одобрена вакцина или терапија, беше прогласен за меѓународна здравствена вонредна состојба во неделата.
Според податоците на СЗО, досега во Конго се потврдени 82 случаи на инфекција, со седум потврдени смртни случаи, додека се регистрирани 177 сомнителни смртни случаи и речиси 750 сомнителни случаи.
Ситуацијата во Уганда засега е стабилна, со два потврдени случаи кај лица кои пристигнале од Конго, од кои едно починало.
Директорот на СЗО за операции за здравствени итни случаи, Абдирахман Махамуд, предупреди дека потенцијалот за брзо ширење на вирусот е „многу висок“, што, како што рече, ја променило целата динамика на епидемијата.
Мерките воведени во Уганда, вклучително и интензивно следење на контактите и откажување на масовните собири, досега даваат резултати во спречувањето на ширењето на инфекцијата, се вели во соопштението на СЗО.
Американски државјанин кој работел во Конго се заразил со вирусот и бил префрлен во Германија на лекување, додека друг американски државјанин со висок ризик бил префрлен во Чешка.
Главниот научник на СЗО, Силви Бријанд, изјави дека експерименталниот антивирусен лек „Обелдесивир“ може да се користи кај луѓе кои биле во контакт со заразени лица за да се спречи развојот на болеста.
Станува збор за експериментален орален антивирусен лек од „Гилеад Сајансис“, првично развиен за ковид-19.
Претставничката на СЗО во Конго, Ан Ансија, изјави дека епидемијата веројатно започнала пред два месеци, но официјално била потврдена дури минатиот петок, поради што здравствените служби сега се обидуваат да го спречат ширењето на вирусот.
The post БРОЈОТ НА МРТВИ И ЗАРАЗЕНИ ОД ЕБОЛА ВО КОНГО РАСТЕ: Нема одобрена вакцина или терапија за бесниот сој! appeared first on Во Центар.



